Потпретседателот на Владата и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска е во посета на Атина, а ќе се сретне со неговиот грчки колега Никос Дендиас и ќе биде примен од претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчкото МНР соопштија дека се очекува на средбата Дендиас – Дачиќ, „акцентот да биде ставен на европската перспектива на Западен Балкан, безбедноста и стабилноста на регионот, дополнителното зајакнување на билатералните односи во сите сектори, како и на пошироките глобални и регионални случувања, вклучително и ситуацијата во Украина, Егејското Море и во Источниот Медитеран“.
Додаваат дека посетата на шефот на српската дипломатија на Атина е прва негова во странство, во билатерален контекст, по преземањето на должноста на 27 октомври годинава.
Извор: МИА