Новоизбраниот шеф на ОЈО-ГОКК, Ислам Абази, најмногу гласови добил од колегите кои гласале на подрачјето на Вишото јавно обвинителство-Скопје, каде вкупно 24 обвинители гласале за него. Потоа, во Вишото обвинителство-Гостивар за него гласале 16 обвинители. Во битолското Обвинителство, добил 13 гласа. Во Вишото обвинителство-Штип, седум обвинители му дале поддршка, а во републичкото има шест гласови.
„Вкупниот број на гласови изгледа вака. Абази Ислам добил вкупно 66 гласови, Незири Ермин добил 64 гласа, Пауновска Деса има добиено 10 гласови и Русковска Вилма има 14 гласови. Комисијата за избори може да констатира дека изборниот резултат се однесува на Абази Ислам, кој добил 66 гласови. Во рок од 7 дена ќе биде именуван. Согласно законот, кандидатите имаат право на приговор, како и избирачките, кои треба да го достават до Советот во рок од пет часа од објавување на резултатите, па во рок од 12 часа ќе се донесе одлука. Ако има некоја незадоволна странка, може да има и управен спор“, кажаа од комисијата која ги спроведуваше изборите.