Со програма на осум страници и петнаесетгодишно искуство обвинителот Ермон Незири од Скопското јавно обвинителство в понеделник ќе бара доверба од колегите за шефовското место во Обвинителството за организиран криминал. Во интервју за „А1он“ вели дека нема да дозволи на ова Обвинителство да се гледа како на туристичка агенција или да се поима како „Обвинителството на Вилма“.
„Повторно излегоа на површина две тези: туристичка агенција и персонализација на Обвинителство. Барем јас така разбрав. Тоа е спротивно на тоа што јас планирам да го направам. Не може Обвинителството да се врзе со Ермон Незири. Таму има 15 обвинители кои самостојно одлучуваат, за тоа земаат плата, искусни обвинители “, рече Незири, а прашан кој ги разочарал младите обвинители, тој кажа: „Тоа секој си го сфаќа субјективно“.
„Вилма со таа своја работа, таа е негативно оценета и кај едни и кај други и кај трети, бидејќи се персонализира. И ние кога слушаме сабајле викаат: ‘На Вилма обвинителството’“, вели Незири посочувајќи дека секој обвинител треба да си говори за својот предмет и да го претставува во јавност.
Смета дека новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал треба да работи и на подобрување на меѓучовечките односи.
„Во ОЈО-ГОКК со овој тим и мала систематизација, прераспределба, евентуално подобрување на човечки односи за почеток би можеле да се подобрат работите, од причина што јавноста е таа која ја даде негативната оценка од 8 отсто верба во правосудството“, вели обвинителот Незири.
Клучно за тој да се охрабри да се кандидира била токму малата доверба на граѓаните во судството.
„Добро е што заклучивме дека перцепцијата на граѓаните е насочена кон Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. За мене е клучна алка за добивање, но и губење на довербата. Тоа е мотивот да се кандидирам за оваа функција“, рече Незири.
Клучно во работата Незири вели дека ќе му биде меѓуинституционалната соработка со надминување на личните анимозитети и јавни препукувања.
„Разрешување и уништување на криминал не може да има. Тој ќе постои, а наша работа и на ОЈО-ГОКК е да биде фронтменот на оваа борба. Тоа ми е целта. Тука мора да има меѓуинституционална соработка. Личните анимозитети, препукувања преку јавност за мене не се начин. Тоа е начин кој сме го виделе, а ние бараме начин како ќе го решиме. Обвинителот е човек со глава и тело. Ама без раце и нозе. Кои се рацете и нозете можеме да размислиме. Рацете и нозете се Финансиска полиција, МВР, Антикорупциска“, вели обвинителот Незири.
Најавува дека ќе одговара на сите повици на службениот телефон, дури и на оние кои би можеле да му вршат притисок оти смета дека државата има механизми и за таквите обиди.
„На службен телефон кревам, неспорно. Но да расчистиме, за политика или политизација на моменталниот избор или работа во јавното обвинителството за гонење организиран криминал – нема место за политика. Зад мене не стои група или политичка партија. Јас сум бил прва генерација на Академија на судии и јавни обвинители, стручен соработник во Кривичен суд, од 2009 година сум во скопското обвинителство. Колегите ме знаат така што сигурно ќе разберат дека ова не се празни зборови и дека политиката секогаш стои на страна. Затоа што, така ме воспитале и моите, јас имам две деца кои живеат во Скопје, одам на риба по Радика, потекнувам од тој дел на Македонија“, објасни Незири.
Прашан што ако некој дојде на реката Радика додека лови риба и каже да повлече предмет, запре постапка или направи спогодба, обвинителот Незири додаде: „На Радика тешко да ми дојде бидејќи тешко дека ги знае оние терени каде одам јас по риба. А околу понудата и евентуално осетот на притисок, законот дава разни механизми на заштита. И затоа напомнувам, тоа ми е главниот мотив за учество. Да ги растеретам колегите обвинители бидејќи знам дека се чесни луѓе. Затоа ги охрабрувам сите да излезат и да гласаат по свое убедување“.
Незири ќе работи на укинување на праксата на префрлање предмети од ОЈО ГОКК во други Обвинителства, а посебен акцент ќе стави на охрабрување на колегите за воспоставување единствен модел на Јавното обвинителство за постапување по допрен глас за да не постои нарачан предмет.
Тој не очекува мешање на политика во гласањето за шеф на обвинителството, а убеден е дека нема можност ниту за местење на изборот.
„Скраја да е, не можам ни да го помислам.. Местењето.. Затоа што ги знам луѓето. Мене мотивот за конкурирање ми се и овие десет месеци во ОЈО-Скопје. Луѓето се насмеани, се решаваат предмети…“, рече Незири.
Од разговорите со колегите кои ќе гласаат убеден е дека ќе победи со 70 отсто освоени гласови.