Коленото на Папата Фрањо толку многу го болеше на летот за Бахреин што не можеше да се движи низ авионот и да се поздравува со новинарите како што тоа обично го прави. Папата (85) оди со бастун откако претходно оваа година му пукна лигамент на коленото, а понекогаш користи и инвалидска количка, но за време на летовите секогаш успевал да шета низ авионот и да размени неколку зборови со новинарите.
„Денес имам многу болки и не можам да се движам низ авионот, па ќе седнам, а вие дојдете кај мене“, им рече Папата на новинарите за време на летот за Бахреин, каде што ќе престојува четири дена. Папата имаше физикална терапија во средата и ден потоа секогаш го боли коленото.
И покрај болката, Папата беше расположен и новинарите еден по еден го поздравуваа во предниот дел на авионот. „Тоа ќе биде интересна посета која предизвикува размислување“, рече тој. Со посетата на Бахреин, Папата сака да ги подобри односите со исламскиот свет.
Тој ќе се обрати на собирот насловен „Бахреин форум за дијалог: Исток и Запад за човечки соживот“, ќе разговара со кралот Хамад бин Иса ал-Калифа и ќе се сретне со муслиманскиот совет на старешини во џамијата на Кралската палата.
Бахреин истакна дека меѓуверскиот форум има за цел „понатамошно да ги потврди вредностите на мирот и толеранцијата“, вклучително и дијалог за промовирање на соживот.