По синоќешната изјава на српската премиерка Ана Брнабиќ дека ќе бидат соборени сите беспилотни летала регистрирани во близина на воени објекти денес српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека претседател Александар Вучиќ издал наредба за зголемување на борбената готовност по воочување на беспилотни летала кои од „Косово влегувале на територијата на централна Србија“, јави дописникот на МИА од Белград.
На неофицијалната вест на медиумите дека се забележани беспилотни летала кои летале над Мердаре и околината на Рашка, на границата со Косово и на југот на Србија, ден претходно ја демантираше министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај, дека тие не потекнуваат од територијата на Косово.
Премиерката Ана Брнабиќ зборувајќи синоќа на РТС за наредбата на претседателот Александар Вучиќ, да се подигнат „Миговите 29“ по воочување на беспилотни летала над Мердаре и околината на Рашка, кажа дека станува збор за безбедносно прашање на Србите на Косово и за проблемите што воопшто постојат таму.
-Точно, беспилотните летала снимаа позиција во нашата копнена безбедносна зона и нашите две касарни, а јас бев информирана од претседателот на Републиката и врховниот командант на вооружените сили на Србија, тој дал наредба за зголемување на полициската заштита во воздухот, така што тој налог сега е траен, и е на сила и ќе остане во сила, изјави Брнабиќ за РТС.
Доколку се повторат вакви работи, ќе го собориме секој такво летало, како што би направила секоја друга земја, додаде Брнабиќ.
Денеска и министерот за одбрана Вучевиќ за РТС потврди дека Вучиќ ја подигнал борбената готовност на српските вооружени сили поради беспилотните летала и „имајќи го предвид искуството на украинскиот фронт“ за да нема административни доцнења во командниот синџир.
Вучевиќ изјави дека Вучиќ „издал наредба секој таков објект да биде елиминиран или ставен под наша контрола“ и дека борбените авиони МИГ 29, кои ги активира Србија, не се подигнати поради беспилотните летала, туку дека „патролираат на нашето небо“.
Вучевиќ, тврдејќи дека беспилотните летала дошле од територијата на Косово, не соопшти повеќе детали, ниту за причините за подигнување на борбените авиони, ниту пак каква врска би можеле да имаат тие со Косово, кое е под мандатот на КФОР.
Министерот за одбрана на Србија изјави дека „на овие предизвици армијата може да одговори со топови“ и на други начини.
Вучевиќ изјави и дека сите воочени беспилотни летала доаѓале од два правци од Косово, по линијата на копнената безбедносна зона, со „повремени влегувања на територијата на централна Србија и обиди да се набљудува позицијата на единиците на српската армија и одредени објекти“ и додаде дека „српската војска има информации“ дека беспилотните летала биле забележани не само во округот Рашка, туку и во Топличкиот и Нишкиот округ.
Тој порача дека се „неточните насловите на приштинските медиуми дека војската се концентрира на административни линии“ со Косово, но дека станува збор за вежби што се одржуваат низ цела Србија под името „Маневи 22“.
-Не можам да кажам дека безбедносни ризици не постојат, пред сè поради неодговорното однесување на администрацијата во Приштина, но Србија не сака никакви војни, рече Вучевиќ.
Министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај во објава на Фејсбук на 1 ноември изјави дека тврдењата да беспилотните летала дошле од Косово се „само изговор за зголемување на бројот на војници на српската армија околу границата со Косово“ и средство за ширење паника меѓу граѓаните.
-Во врска со изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за наводно движење на непознати беспилотни летала од територијата на Косово над областа Рашка, ги известуваме граѓаните дека овие тврдења се целосно лажни, а секој таков дискурс е изговор за зголемување на бројот на војници на српската армија околу границата со Република Косово, како средство за ширење на состојба на паника меѓу граѓаните на двете земји, наведе Мехај.
Извор: МИА