Сведочењето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за обвинетиот ексгенерален секретар на Владата, Драги Рашковски, оди во негова корист и ги поткрепува тезите дека тој е невин. Тој е дециден дека софтверот е набавен за правење на анализи како да се намали бројот на прекршоци во сообраќајот, но не и за да Генералниот секретаријат казнува преку него. Прашан дали се планирало софтверското решение понатаму да се имплементира за да преку него се изрекуваат санкции, Рашковски рече дека тоа е одлука на Владата и не била донесена.
„Владата не може ниту треба да казнува. Казнувањето е во рамките на надлежностите на МВР. И тука нема никаква дилема. Набавката е анализата која треба да покаже каде се слабите точки и кои се најчестите причини за предизвикување на сообраќајните несреќи. Кога ќе дојде нашиот ред за презентирање ќе видите кои се анализи ги прави софтверот и ќе видите кои се анализи ќе допринесат, допринеле и ќе дадат импут за да се развива безбедноста во државата“, кажа Рашковски.
Ексгенералниот секретар објаснуваше и зошто ако софтверот е за анализи го носи називот „софтвер за определување на просечна брзина во сообраќајот и одредување на казни“, ако со него Генералниот секретаријат не може да казнува.
„Насловот е определување на просечна брзина, но софтверот има и 13 други функицоналности. Дали е тоа носење на појас, преминување на црвено светло, претекнување на полна линија. Во насловот не можете да ги ставите сите функционалности. Дел од насловот, ако веќе тоа предизвикува внимание, е казнувањето. Меѓутоа софтверот мора да даде аутпут кој прекршок е. Прекршувањето го прави на тој начин што кажува овој човек и ова возило треба да се казни, а не дека тие казни се изречени или им стигнале на домашна адреса на затечените во казнувањето. Целиот процес на анализа е заштитен па во извештаите никаде не стои конкретна регистарска таблица, туку статистички. На Партизански одреди кога сме вршеле испитувања, имате, 240 возила поминале, од нив 120 извршиле пречеркување на дозволената брзина. И кога ќе дојде време, ќе ја донесеме опремата и ќе тестираме да видите како функционира“, додаде Рашковски.
Прашан дали имал план овој софтвер поради кој е на обвинителна клупа, да го користи за казнување во сообраќајот, Рашковски одговори: „Процедурата оди на тој начин што анализата кога ќе се изработи се доставува до Владата и ние велиме нашата анализа покажа тоа. И Владата одлучува дали ќе задолжи некое министерство или не, во насока на понатамошно користење на истиот“.
Рашковски одговори и прашање дали морало да се набави софтверот за ваква анализа, на што посочи: „Или требаше тоа или за да правите анализа вие треба да стоите тука и да бележите во тефтерче колку луѓе не носат појас. Ова не е нешто што ние го правиме бидејќи светот не е познато. Во Србија земете и проверете колку потрошија за ваков систем кој го ставија во функција пред три месеци. Ние бевме две години пред регионот за имплементирање на најсовремено решение“.
„Денеска и самите бевте сведоци дека ја разбивме и последната теза на Обвинителството дека софтверот е набавен за потребите на МВР. Софтверот како што кажа и министерот е набавен за потребите на Владата, во рамките на остварување на нивните активности и законски предвидени обврски, за правење на анализи. Процесот, односно софтверот е набавен со цел да се интензивира процесот на инклузија на сите можни чинители, кои имаат знаење, можност и вештини, со цел да се намали бројот на жртви во сообраќајот, бројот на повредени во сообраќајот и да се намали она што што е најмалку битно, но е проблем за луѓето, а тоа е помала материјална штета при сообраќајни несреќи. Тезата на Обвинителство која до сега успешно ја пласираше преку Вас медиумите, а ние не сакавме да ја побиваме со цел да не го попречуваме нивното излагање, сега ја побивме и докажавме преку министерот дека софтверот е законски набавен, со почитување на сите законски процедури, потврдено и преку вештите лица на Обвинителството дека не е прекршен закон за јавни набавки ниту било кој закон за располагање на средства од буџетот. Софтверот е набавен за потребите на Владата, во рамките на остварување на своите обврски“, рече Рашковски.
На реакција од новинар дека Спасовски не кажал дека софтверот е набавен за потребите на Владата, туку дека кажал дека не знаел дека се набавува софтвер, Рашковски додаде: „Министерот рече дека Владата е таа која што има право да врши вакви анализи. Министерот убаво кажа дека секоја институција во рамки на своите буџети располага и ги врши набавките согласно расположливите средства“.