Русија регрутира поранешни специјалци на авганистанската армија за борба во Украина

Од:

Руската армија за борби во Украина регрутира припадници на специјалните единици на авганистанската армија кои побегнаа во Иран по хаотичното повлекување на САД од Авганистан минатата година, тврдат поранешни генерали на авганистанската армија.

Двајца генерали на авганистанската армија посочуваат дека илјадници поранешни авганистански командоси сакаат да се придружат на руските странски легии, како заради стабилните плати од 1.500 долари месечно, но и поради ветувањата дека нема да бидат депортирани во Авганистан, што би значело смрт за многумина од нив.

„Тие не сакаат да се борат, но немаат избор“, вели генералот Абдул Раоф Аргандивал, додавајќи дека неколку десетици командоси кои сега се во Иран, а со кои тој комуницира преку СМС, најмногу се плашат од депортација.

„Ме прашуваат, ми велат: Дај ни решение. Што треба да правиме? Ако се вратиме во Авганистан, Талибанците ќе не убијат“, вели тој.

Според Аргандивал, регрутирањето Авганистанци го спроведуваат членови на руската платеничка група „Вагнер“.

Генералот Хибатула Ализаи, последниот началник на авганистанскиот Генералштаб пред преземањето на талибанците, рече дека во регрутирањето помага поранешен командант на авганистанските специјални сили кој живеел во Русија и го знае рускиот јазик.

Пред неколку месеци американски војници предупредуваа дека нивните досегашни колеги од Авганистан сега би можеле да им се придружат на американските непријатели за да преживеат, но и поради гнев кон нивните поранешни сојузници.

Во Извештај на републиканските членови на американскиот Конгрес објавен во август, се предупредува дека авганистанските командоси обучени од американски маринци и зелените беретки, сега би можеле на Иран, на Русија и на организацијата Исламска држава да им ги откријат американските воени тактики, дури и да почнат да се борат на нивна страна.

„Не ги извлековме тие луѓе како што им ветивме, сега плаќаме за тоа“, изјави Мајкл Малрој, пензиониран офицер на ЦИА кој служеше во Авганистан, додавајќи дека авганистанските командоси работат многу добро, дека се обучени, жестоки борци.

„Не би сакал да ги видам на ниту едно бојно поле, особено не сакам да ги видам како се борат против Украинците“, вели Малрој.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Украинците објавија фотографии од Орешник, новата ракета на Путин

Катерина Ѓуровски

Руските сите ноќеска 200 пати ја гаѓале областа Запорожје

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Пожар во руска фабрика за воена опрема

Катерина Ѓуровски

Зеленски: На повидок е крајот на војната

Путин потпиша нов закон, простени долгови секому што ќе се пријави да оди во војна

ВИДЕО: Каква е руската хиперсоничната ракета „Орешник“ и колку е опасна