Легендарниот одговор на „Ајкулата“, „Пежо“ го претставил во април 1960 година и веднаш наишол на топол и одобрувачки прием од јавноста и позитивни критики во специјализираниот печат. Со своите 4,5 метри должина, простран ентериер и багажник, како и многу луксузни детали ги освојува симпатиите на идните купувачи.
Под хаубата се наоѓа конвенционален и проверен погон во облик на реден 4-цилиндричен агрегат од 1.6 литри и 72кс, што било доволно за 145км/ч максимална брзина. Силата се пренесувала на задните тркала преку синхронизиран 4-степен мануелен менувач, чија рачка се наоѓала на командната табла (ткн. „дамски менувач“), покрај воланот.
По претставувањето Peugeot 404 остварил одлични продажни резултати, тренд што ќе го прати се до крајот на продукцијата. Охрабрен со ова, „Пежо“ покрај De Luxe верзијата на автосаeмот во Женева, ги претставува преубавите 404 Coupe и Cabrio, кои неспорно личат на Ferrari 250 GT 2+2, што уште повеќе придонесува за подобрата продажба.
Веќе следната година, понудата е збогатена со Familiar верзијата – простран караван со петта врата и зголемен багажник. Заради својата практичност успехот бил моментален.
Набрзо, на купувачите е понуден фамозниот дизел агрегат и тоа во сите каросериски варијанти, освен Coupe и Cabriо. Со своите робусни 1.8 литри и 55кс пленел со издржливост и скромна потрошувачка, што го направило омилено возило кај европските и јужноамериканските таксисти.
Споменатиот дизелаш на „Пежо“ record braker поминал 16.000 километри за 103 часа непрекинато возење, со просечна брзина од 160км/ч и со тоа поставил рекорд кој долго не бил соборен, што одлично го покажале квалитетот на технологијата и можностите на развој на брендот „Пежо“, чији плодови ги уживаме во денешницата.
Производството на 404 во Франција, во матичната фабрика трае се до 1975 година, додека во Аргентина се продуцирал до 1982, а во Нигерија дури до 1988 година. Направени се вкупно 2.880.000 примероци, од кои огромен број и денес се возат, посебно на афричките и јужноамериканските патишта, а караван верзијата како полициско возило се уште служи во Непал и Мали.
За вака долг и богат животен век, Peugeot 404 првенствено може да заблагодари на својата доверлива механика и мотори со кои ги освоил, како современите патишта во Европа, така и друмовите на третиот свет.
Можеме да констатираме дека овој легендарен модел беше столб на популарноста и успешноста на брендот „Пежо“ долга низа години и дека секоја подоцнежна лимузина, вклучувајќи го тука и 407, добар дел од својот имиџ го должи токму на стариот 404.
Извор: Високи Октани