Бесплатниот студентски билет за време на викендите направи големи гужви во возовите на Македонски железници.
Возот на релацијата Скопје – Битола кој тргна од железничката станица во Скопје во 14.30 часот, тргна претоварен со преку 500 патници. Капацитетот на возот е 250 патници, а стојат уште најмалку толку.
Оние патници кои секојдневно патуваат на релација Скопје – Велес- Скопје се чудат како може ова Македонски железници да си го дозволат и стискаат заби да не се случи некоја несреќа.
„Може да се случи се и сешто. Стабилноста на возот е никаква, а пругите не се ремонтирани на што предупредуваа и од железници. Имавме автобуски несреќи, сега што сакаат да има и железничка несреќа? Само да не се случи, затоа што секако ќе биде џабе. Пак нема да се смени ништо“, изјави за „А1он“ револтиран патник кој секојдневно патува на работа од Велес до Зелениково.
Поради гужвата во ходниците, некои патници едвај пристапуваат до тоалетите.
„Доаѓа до караници меѓу нас патниците поради немање место ниту за стоење. Сите сме набиени еден во друг. Да не зборувам што сите си дишиме еден во друг. Во првата и последната класа работи климата, а во средниот дел на возот има греење наместо вентилација“, додава патникот за „А1он“.