Три лица загинаа во ракетен напад на Русија врз електрана во Киев, изјави градоначалникот на Киев. Густ чад можеше да се забележи над северниот дел на Киев, каде што се наоѓа електраната, откако одекнаа неколку силни детонации, изјавија очевидци за Ројтерс.
Снабдувањето со електрична енергија во некои делови од градот беше прекинато поради оштетување на критичната инфраструктура, но набрзо беше обновено, соопшти електростопанството ДТЕК. Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека две инфраструктурни цели, кои тој не ги идентификува, претрпеле „значителна штета“.
„Во денешниот напад на критичната инфраструктура на Киев, загинаа три лица. Тоа се работниците на една од тие критични инфраструктури“, рече тој.
Обвинителството во Киев отвори истрага за можно „кршење на законите и обичаите на војната“.
„Украина е на удар на окупаторите. Тие продолжуваат да го прават она што го прават најдобро – тероризираат и убиваат цивили“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграма.
Тој рече дека 30 отсто од електраните во Украина биле уништени во руските воздушни напади од 10 октомври и рече дека Москва ќе одговара за своите постапки.
Локалните власти соопштија дека биле нападнати и електраните во Харков и електраната во Днепар, која е тешко оштетена. Северниот град Житомир остана без вода и струја поради воздушниот напад, а проектил погоди и станбена зграда во Миколаив. Еден човек беше убиен во тој напад, рече Зеленски.
Пет лица загинаа во руски напад врз станбена зграда во Киев во понеделникот, соопштија украинските власти.