Пратениците од новиот состав на двата дома на италијанскиот парламент денеска треба да ја одржат конситутитивната седница, со прва работна задача да изберат претседавачи на двата параламентарни дома.
Мнозинство во двата дома има Десничарската коалиција предводена од изборната победничка Џорџа Мелони, и тоа 400 во Пратеничкиот дом и 206 во помалубројниот Сенат.
Покрај екстремно десничарската партија „Браќа на Италија“ на Мелони, коалицијата ги вклучува и крајнодесничарската популистичка партија „Лига“ и конзервативната „Форца Италија (Напред Италија). Инаку, во самата коалиција, „Браќата на Италија“ имаат повеќе пратеници од „Лига“ и „Форца Италија“ заедно.
Изборната процедура за претседателите на коморите би можела да продолжи и наредните денови, по што би требало да бидат објавени и лидерите на пратеничките групи, но малку веројатно пред викендот. Потоа тие заедно со партиските лидери ќе одат кај претседателот Серџо Матарела, кој дури тогаш официјално може да го посочи мандатарот за состав на новата влада. Најверојатно тој ќе ја предложи Мелони бидејќи таа ја предводи најголемата парламентарна партија.
Мелони притискаше за забрзување на процесот на формирање влада.
„Не мислам дека можеме да губиме време, ситуацијата во Италија не е лесна“, изјави синоќа таа во Рим.
Италијанските медиуми со денови шпекулираат со имињата за состав на новиот кабинет. Владејачката Десничарска алијанса изминатиот период одржа неколку консултации во вилите на Силвио Берлускони во Рим и во северна Италија.
Извор: МИА