На сцената на Македонскиот народен театар на 15 октомври премиерно ќе биде одиграна комичната претстава „Лагата“, работена според текст на современиот и мошне актуелен француски писател, драматург, театарски режисер, сценарист и филмски режисер, Флоријан Зелер, а во режија на Бесфорт Идризи.
Во комедијата, која во нашата земја се поставува за првпат, игра актерската екипа: Јордан Симонов како Павле, Габриела Петрушевска во улогата на Родна, Оливер Митковски го игра ликот на Михаил и Драгана Левенска е во улогата на Јована.
Според режисерот, „Лагата“ е текст што говори за тоа колку можеме да бидеме искрени особено во интимните односи, односно кога, колку и дали воопшто е дозволено да се лаже. Иако при првиот контакт со текстот, може да се добие впечаток дека негова главна тема е брачниот однос или неверството, сепак, како што и самиот наслов навестува, всушност, тоа со што се занимава текстот, а воедно и нашата претстава, е лагата како феномен.
Живееме во „лажно време“, односно во време кога лажењето е општо прифатена пракса, без разлика дали станува збор за бели лаги, лажно претставување на социјалните мрежи, лажни вести, лажни ветувања, понуди, проекти, градби, политики… ние секојдневно сме изложени на лаги од најразлични размери. Оттаму и идејата да се работи токму овој текст, при што преку еден комичен пристап ќе се фокусираме на ваквите општествени појави кои, за жал, се сѐ почести до мера што лажењето е развиено на ниво на општествено прифатлива норма.
Сценографијата на претставата е на Крсте Џидров-Џиби, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а авторската музика во оваа театарска претстава ја потпишува Игор Василев-Новоградска.
Следните изведби се закажани на 21 и 29 октомври со почеток во 20:00 часот.