Најмалку 22 лица загинаа, а 52 се водат како исчезнати по лизгање на земјиште во градот Лас Техеријас во Венецуела, изјави потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез.
Лас Техеријас е индустриски град 70 километри југозападно од Каракас.
– Се излеаја пет потоци и овде гледаме голема штета, рече таа и додаде дека досега се пронајдени 22 жртви, а повеќе од 52 лица се водат како исчезнати.
Свлечиштето го предизвикале обилните врнежи дожд што паѓаат во земјава во последните недели.
Во некои делови од земјава нема струја.
Во Венецуела од почетокот на годината има натпросечни врнежи, што се припишува на временскиот феномен Ла Ниња, кој предизвикува заладување на делови од површинските води на Пацификот.
Извор: МИА