Покрај за пејачот Тони Цетински, лажни потврди за ковид по цена од најмалку 100 евра, како што откри полицијата во последната голема акција, купиле бројни претприемачи, цели семејства, позната оперска пејачка, кандидатка за мис на Хрватска, бројни сегашни и поранешни спортисти и стоматолози, пишува Телеграм.
Засега истрагата опфаќа 230 лица, но хрватските медиуми кои се повикуваат на извори од истрагата пишуваат дека има уште многумина инволвирани.
Тимот, кој, според сомневањата на УСКОК, бил предводен од Петра Румиха, поранешна медицинска сестра, ги организирал оние кои не сакале да се вакцинираат против коронавирусот. И додека Тони Цетински јавно негира дека купил лажен сертификат за ковид, истражителите тврдат дека го добил во ноември минатата година. Се сомнева дека го набавил преку Томислав Колариќ, сопственик на познат ресторан од Загреб, кој наводно бил главен посредник.
Колариќ кој бил косопственик на познат ноќен клуб Урнебес, е во бегство, односно полицијата не го нашла на ниту една адреса. Затоа за него и за уште четворица осомничени од оваа афера себара притвор.
Според извори на Телеграм блиски до истрагата, дел од обвинетите ја признале вината веднаш по апсењето. Биле соочени со доказите што истражителите ги пронашле на крајот на минатата година кога Петра Румиха првпат беше уапсена. Потоа и бил одземен мобилниот телефон, како и сета друга опрема, па по детална анализа била отворена оваа најнова истрага.