(ВИДЕО) СДСМ нема да оди на криминални избори

Од:

СДСМ денеска му предложи на премиерот Никола Груевски да се согласи со формулацијата за прекршување на Уставот со исфрлањето на новинарите од собраниската галерија, бидејќи било жално да се тврди дека новинарите биле безбедносна закана во Собранието и затоа морале да бидат отстранети од галеријата.

СДСМ ќе се бори со сите демократски средства да нема во Македонија криминални избори – изјави денеска заменик претседателката Радмила Шекеринска.

Формирањето на ад хок комисијата беше обврска од мартовскиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Формирањето на комисијата и нејзиниот извештај не е работа само на едната или на другата партија.

Она што беше договорено, она што од нас го очекуваа нашите граѓани и она што од нас го очекува ЕУ е извештај на комисијата кој ќе биде потпишан, прифатен и спроведен од двете политички партии, пече Шеќеринска.

-Кога Груевски се соочи со извештај во кој комисијата се согласи дека на 24.12. Уставот беше прекршен при отстранувањето на пратениците од опозицијата, а како единствено отворено прашање остана прашањето за кршење на уставот во случајот со новинарите, тој на вчерашната прес конференција понуди две опции: првата опција е комисијата да донесе извештај кој однапред го дисквалификува како партиски, што значи тој не го признава; и втората опција, граѓаните на избори да одлучеле за извештајот.

Ќе се осврнам на двете понудени опции.

Прво, народот не сака партиски извештај. ЕУ не сака партиски извештај и нема таков да прифати. Ниту пак СДСМ има потреба од партиски извештај.

Да потсетам: кога се формираше комисијата, подолго време траеја преговорите за нејзин претседател, со цел истиот да биде избран со консензус. Кога и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се согласија за начинот на избор на претседател на комисијата, договорено беше и дека двете партии ќе го прифатат извештајот донесен од комисијата и дека целта е истиот да биде донесен со консензус.

Со вчерашна изјава на премиерот се потврди дека власта нема, ниту пак некогаш имала желба да стои на договореното.

Премиерот избра да го дискредитира претседателот на комисијата, и покажа дека од почетокот неговите намери не биле чесни, а планот бил целосно да се дистанцираат од комисијата и евентуалниот извештај.

Само затоа што им беше јасно дека колку и да се обидуваат да го разубават, извештајот нема да може целосно да го сокрие црнилото на она што се случи на 24 декември.

Дозволете ми да одговорам и на наводната втора опција: ДПМНЕ залудно го врзува извештајот на комисијата за 24 декември со предвремените парламентарни избори.

Предвремените парламентарни избори зависат од владиното парламентарно мнозинство и се врзуваат, не за извештајот за 24 декември, туку за економската катастрофа во која не доведоа, неможноста да се реализира буџетот ваков каков што е донесен, за раскалашното трошење на власта, за празната државна каса, за потребата од ребаланс на Буџетот, што е доказ дека СДСМ беше во право кога ги поднесе амандманите на Буџетот за 2013 година.

Ниту првата, ниту втората опција кои наводно ги нуди премиерот немаат врска со ЕУ и нејзиниот извештај.

Тие се само алиби за критиките кои ги очекува во европскиот извештај поради партиското судство, замолчувањето на медиумите, корупцијата, злоупотребата на буџетските пари.

СДСМ секогаш мислела и мисли на граѓаните на Република Македонија и водела грижа за европската иднина. Од тие причини, еве го нашиот предлог до ВМРО-ДПМНЕ:

Ве повикуваме да се согласите со формулацијата за прекршување на Уставот со исфрлањето на новинарите од собраниската галерија, бидејќи на секој наш граѓанин му е јасно дека беше повредена слободата на информирање.

Жално е да тврдите дека новинарите биле безбедносна закана во Собранието и затоа морале да бидат отстранети од галеријата.

Сите наши граѓани знаат дека единствена причина и цел за отстранување на новинарите беше, тие, а преку нив македонската јавност, да не ги види сликите на брутално исфрлање на опозицијата од Собранието.

За да се скрие бруталноста на црниот понеделник, на комисијата не и беа доставени снимките од собраниските камери за моментите кога беа влечени и исфрлани пратениците на опозицијата. Наводно собраниските камери биле исклучени.

За таа бруталност, останаа да сведочат само аматерските снимки од мобилните телефони на двајца пратеници, кои обезбедувањето ги исфрли од нивните пратенички клупи.

Затоа господине Груевски, ајде да не зборуваме за партиски вистини – бидејќи такви не постојат. Погледнете ги снимките од она што се случуваше во собраниската галерија. И прочитајте го Уставот.

Од вас не бараме ништо освен извештајот да го констатира она што го виде цела Македонија. Ни повеќе, ни помалку.

Согласете се во извештајот да стои дека со отстранувањето на новинарите од собраниската галерија беа прекршени “загарантираните права за слобода на јавно информирање и јавност во работата на Собранието на Република Македонија”.

Потоа со потписот на Вашите членови во комисијата, заеднички ќе можеме да го доставиме извештајот до оние кои го очекуваат од нас – до граѓаните на Република Македонија и до Европската унија.

Што се однесува до изборите, обврска од мартовскиот извештај е создавање фер претпоставки за изборен натпревар. Презедовте обврска за усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Презедовте обврска и за прочистување на избирачкиот список. Тие обврски не ги реализиравте, туку дополнително ги влошивте состојбите: со партиски донации од медиумите и со додавањето фантомски гласачи.

Наша цел е да и помогнеме на Република Македонија со тоа што ќе ја победиме оваа власт. Тоа се прави на избори. Нема да дозволиме тие уште еднаш да бидат криминални и да не претставуваат решение за вистинските проблеми во Македонија!

Би можело да ве интересира

Руското МВР тврди: Регистрирани се 10 обиди за терористички напади за време на локалните избори

Избори во Северна Рајна-Вестфалија: ЦДУ го задржува водството, АфД во силен пораст

Аргентинската опозициска партија победи на изборите во Буенос Аирес

Шест кандидати на AfD починаа пред германските избори

Предвремени избори за претседател на Република Српска на 23 ноември

Горан Наумовски

Кандидатите на претстојните локални избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми во државата