Вишиот суд во Нови Сад денеска на седум години затвор го осуди Бора Баточели (61), станар на Домот за стари лица во Футог, обвинет дека се обидел да ја убие Божана О., станарка од соседниот стан удирајќи ја со тупаници и задавувајќи ја на 1 септември 2021 година, пишува Новости.
Тој е должен на жртвата да и плати 1400 евра како оштета за претрпениот страв и болка. При одлучувањето за казната, судот не констатира олеснителни околности, а како отежнувачки се смета тоа што има 13 правосилни пресуди и две постапки кои се во тек.
Судијката Ивана Јосифовиќ образложувајќи ја пресудата рече дека жртвата ја спасиле Господ и медицинскиот техничар, кој ја оттргнал од Баточели, кога по нејзиниот врисок ја нашол со двете раце на вратот на Божана.
„Имавме предвид дека не покажавте сочувство кон жртвата, ниту ѝ се извинивте, ниту кажавте дека ви е жал, иако видовте дека е во инвалидска количка и плаче во судницата“, рече судијата Јосифовиќ.
„Добивте од државата, иако немате вработување, топло сместување, храна, социјална заштита, а сепак направивте вакво нешто. „Бидејќи не знаевте да го цените тоа, сега ќе добиете седум години затвор од државата“, рече таа.
Божана О. во исказот рече дека обвинетиот бил под дејство на алкохол и дрога кога ја нападнал и дека во тој момент славел роденден. Според она што го раскажала, лежела во собата со цимерот во темница и тој ја прашал за друга станарка, но таа не сакала да му одговори бидејќи се плашела за неа. Бора, како што раскажа во судницата, на кратко излегол надвор, но се вратил и почнал да ја удира со пластичен послужавник за послужување храна и со раката по главата, а потоа ја задавил.
Во завршниот говор Баточели рече дека никогаш не удрил никого во Домот, наведувајќи дека жртвата се повредила кога паднала од кревет или од инвалидска количка.