Албанскиот премиер Еди Рама кој престојува во Њујорк во рамки на 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, изјави дека целиот регион се соочува со кибер-напади.
-Целиот регион се соочува со напади од ваков карактер, вклучително и Црна Гора и Северна Македонија, рекол Рама на средбата што ја одржал со шефови на држави и влади во Њујорк, клубот Харвард.
Зборувајќи за повеќекратните напади врз Албанија, тој информирал дека дигиталните системи на албанската влада биле нападнати од Исламската Република Иран, што е констатирано по детална експертиза на тимот на Мајкрософт и тимот на специјализирани американски агенции.
-Поради оваа причина дипломатските односи со Иран веднаш ги прекинавме а на персоналот на амбасадата му дадовме рок од 24 часа да ја напушти нашата земја, што и го направи, додал тој.
Премиерот Рама ја повторил цврстата поддршка на Албанија за Украина, а во однос на дискусиите за енергетската криза на глобално ниво, истакнал дека Албанија не зависи од рускиот гас, туку 100 отсто се базира на енергија од хидро извори.
Извор: МИА