Најавата за нова иницијатива за референдум за раскинување на Договорот со Бугарија од Левица за министерот за надворешни работи Бујар Османи е уште еден обид да се сврти македонскиот народ против Европската Унија и САД кој нема да направи штета на државата, но ќе направи штета на народот.
„Во однос на Договорот со Бугарија ниту може ниту смее да има референдум. Договорот со Република Бугарија е еден од столбовите на евроатланска Република Северна Македонија заедно со Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор. Второ, не може-имаше вчера јасно објаснување дека меѓународните договори не можат со еднострана одлука да се поништат, трето –еднонационални референдуми за стратешки прашања на државата се опасен преседан за Република Северна Македонија и тие не смеат да се случат“, вели министерот Османи.
Тој смета дека левица не е македонска партија.
„Јас тука од МНР ограничен сум да коментирам, но за Левица имам свој став дека тие не се македонска партија туку дека се партија во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против Европската Унија и САД. Мислам дека на државата нема да можат да направат многу штета заради тоа што во државата има поширок консензус за тоа, но за народот кој што го претставуваат може да направат многу штета обидувајќи се да ги свртат пред вредностите што ние ги споделуваме. Мислам дека не треба да паднеме на таа пропаганда која што делумно е стимулирана и финансирана и има многу лоши и зли намери прво кон сопствениот народ и кон државата“, рече министерот Османи.
Според него легитимно е партиите да го користат незадоволството и фрустрациите на граѓаните за политички цели, но смета дека тоа мора да има граници, да не се прави на сметка на иднината на државата и на иднината на граѓаните.