Вистинска чест е да се прими Олена Зеленска на ваков важен ден. Овде сме во многу загрижувачки контекст на нелегална и тотално неоправдана инвазија на суверена Украина, но и на зголемена инфлација, цените на енергијата и електричната енергија, климатска катастрофа, зголемена несигурност во храната и зголемени трошоци за живот. Денес нашата порака е јасна: „Европа ќе даде одговори“, рече претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, отворајќи ја дебатата за состојбата на Унијата, јави дописникот на МИА.
Во врска со војната во Украина, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече: „Путин ќе пропадне и Европа ќе триумфира“. Таа додаде дека санкциите против Русија „ќе траат“. Фон дер Лајен најави 100 милиони евра помош за обновување на украинските училишта, како и за интеграција на Украина во зоната на слободен роаминг и единствениот пазар.
Во однос на зголемените цени на енергијата, Комисијата ќе претстави мерки за земјите-членки да ја намалат потрошувачката на електрична енергија и ќе предложи ограничување на приходите на компаниите кои произведуваат електрична енергија по ниски цени, со цел да се соберат повеќе од 140 милијарди евра за да се ублажи ударот за граѓаните. Таа најави и реформа на пазарот на електрична енергија. Фон дер Лајен јасно стави до знаење дека „Путин е единствениот одговорен за актуелната енергетска криза, како и за зголемените цени“.
Таа зборуваше и за борбата против мешањето во европските демоктратии од надвор, со цел да се заштитат европските демократии при што рече дека е потребно зајакнување на соработката со земји како Чиле, Мексико, Нов Зеланд, Австралија и Индија, а даде и предлози за Европски фонд за суверенитет, европски закон за критични суровини, Европска банка за водород и план за помош за малите и средните претпријатија.
Манфред Вебер, лидерот на Европските народни партии, повика на „зима на солидарност“: „Можеме да го победиме Путин и да ги намалиме сметките за струја на нашите граѓани“, рече Вебер. Тој, сепак, изрази жалење поради слабеењето на улогата на Парламентот во одлучувањето за новите енергетски мерки и поради недостигот на лидерство на Советот во оваа област.
Вебер повика на мораториум на новото законодавство за да се поштедат земјоделците и малите и средните претпријатија од дополнителни оптоварувања. Тој го истакна недостатокот на „координативни напори во одбранбените акции на ЕУ“ и ја повика Комисијата да започне акциски план за европска одбрана до декември.
„Посветеноста на ЕУ за слободата и интегритетот на Украина мора да биде цврста, но иако можеме да се радуваме на добиените битки, мораме да ги поддржиме и оние кои ги трпат социјалните и економските последици од војната“, рече Иратсе Гарсија, лидерот на групата на Социјалстите и демократите . „Ако не го сториме тоа, популизмот ќе добие терен“, предупреди таа и ги поздрави предлозите за итни енергетски мерки, особено оној што се однесува на искористувањето на неочекуваните профити на добавувачите на енергија, бидејќи, како што рече, „не е прифатливо некои да станат милионери на грбот на семејствата во тешкотии“.
Стефан Сежурне од групата Ренесанса на Европа рече дека борбата на Украина „е борба за вредностите на Европа“. „Тоа е нашата борба, борбата на владеењето на правото против законот на најсилните“, рече Сежурне.
Според него,„ ЕУ има средства да одговори брзо и добро“ на последиците од војната врз европските граѓани. Тој ја изрази својата поддршка за мерките предвидени за намалување на цените на енергијата и повика на „намалување на сите европски зависности, во храната, во суровини, во здравството, во дигиталната и во одбранбената инфраструктура“. „Јавните политики треба да бидат усогласени со целта за стратешка автономија, рече тој.
„Мораме да продолжиме да ја поддржуваме Украина, па дури и да ги интензивираме овие напори“, рече Ска Келер, копретседателката на групата на Зелените/ЕФА. Според неа, солидарноста мора да се зајакне и во ЕУ.
„Мораме да се погрижиме трошоците поврзани со оваа криза да бидат на товар на оние кои имаат капацитет. Во реалноста единствениот излез од оваа криза е да ја намалиме потрошувачката на енергија и да ја зголемиме онаа на обновливите извори на енергија, рече Келер и ја повика Комисијата да се погрижи да „нема проток на средства во Полска и Унгарија додека овие земји не го почитуваат владеењето на правото“.
Марко Зани од Идентите и демократија од своја страна смета дека предложените мерки „нема да донесат никаква конкретна помош за оние кои денес страдаат“. „Ограничувањето на цената на бензинот, единствената мерка што може да им помогне на граѓаните и бизнисите, се уште е предмет на дискусија“, рече Зани и ја повика Комисијата да размисли дека „светот од 2019 година е променет и дека одредени политики денес веќе не се остварливи, бидејќи не овозможиле заштита на климата, ниту пак обезбедување социјална и економска транзиција“.
Рафаеле Фито од европските конзервативци и реформатори повика на зајакнување на Атлантската алијанса и одржување на санкциите „кои можат да дадат резултати“. Сепак, тој инсистираше на потребата да се обезбеди вистинско единство во ЕУ за да се соочи со „два главни предизвици: оној на енергијата и оној за поддршка на семејствата и бизнисите“.
„Потребни ни се јасни одговори: ограничувањето на цената на гасот еден од нив, како и раздвојувањето на цените на гасот и електричната енергија“, рече Фито.
Манон Обри од Левицата истакна дека граѓаните повеќе немаат средства да ги платат своите сметки. „Платите стагнираат дури и кога цените растат поради инфлацијата и трошоците за енергија, но дивидендите продолжуваат да се собираат кај најбогатите, а милијардерите сè уште патуваат со приватни авиони“, рече таа.
Обри притоа го поздрави предложениот данок на неочекуваниот профит на добавувачите на енергија, нагласувајќи дека нејзината група отсекогаш била единствената што го барала тоа. Овој данок, исто така, според Обри, треба да биде воведен за сите компании кои имаат корист од оваа криза.
Извор: МИА