Разрешениот директор на Водовод, Златко Перински на прес-конференција се правдаше дека нема причина да го тргнат од функцијата, а таму беше и градоначалничката Данела Арсовска која го тврдеше спротивното. Тој посочи дека обвинувањата на неговата надредена се паушални, а таа ја правдаше својата одлука со објаснување дека тој е нетранспарентен. Според неа, спорно било што Перински не ги сменил членовите на комисија кои биле дел од проект за пречистителна станица како што сакала таа. Перински пак, објаснуваше дека во фазата во која се наоѓал проектот, тоа не можело да биде направено, но и дека веќе имало промени во комисијата со согласност на европските банки кои финансираат.
„Да не си играме со паушални обвинувања, затоа што ова може да го загрози проектот за кој државата добила 72 милиони евра. Зошто сум разрешен? Можеби градоначалничката ќе додаде. Јас апелирам дека ги отфрлам сите обвинувања кои ги прочитав во медиумите“, кажа Перински.
Тој пред Арсовска, рече: „Ние интерно можеме што сакаме да си кажеме, но со европски банки не можеме да си играме“.
И градоначалничката Арсовска нагласи дека се работи за европски пари.
„Ние изразивме сомнеж бидејќи минатите месеци, Град Скопје нема добиено никаква информација во која насока се движат сите процеси кои се поврзани со избирање на најдобар понудувач. Ова е проект кој се прави со европски средства во вредност од 137 милиони евра. Ние имаме индиции дека не е транспарентен процесот и бараме да се сменат членовите на комисиите. Нетранспаретноста на целата постапка ги покрена сомнежите. Ние нема да дозволиме европски средства да бидат изиграни. Во интерес на сите е да знаете што е позадината. Со самото тоа што Градот барал потранспаретна постапка и не било спроведено, имаме сомнежи дека се обидувало да се влијае на постапката“, кажа Арсовска.
Прашана од кај знае дека има криминал, ако не знае ништо за проектот, Арсовска рече: „Да спречите нешто да се украде е исто како да се превенира. Јасен беше одговорот. Документацијата која ја имаме, ќе ја предадеме, друг ќе одлучи“.
Перински, пак, беше прашан дали е точно дека една од фирмите понудувачи на тендерот која имала 20 милиони евра пониска понуда од друга фирма, била одбиена со цел друга компанија да ја добие набавката.
„Јас не можам да коментирам дека 20 милиони евра е поскапа или поевтина понуда. Отворањето на понудите не е почнато, денеска се отвораат понудите. Како можете да знаете вие? Од кај ви е информацијата, тоа вие треба да го објасните. Ме загрижува фактот што пласирате паушални бројки, бидејќи денеска во 12 часот е закажано отворањето на понудите“, му рече Перински на новинарот.
Постои можност, поради јавно објавени информации кои се тајни и за кои треба посебни сертификати за доверливост, Македонија и Град Скопје да го изгубат грантот.
„ЕБОР се загрижени од саботата бидејќи се пласираа доверливи информации во јавност. Ниту јас, ниту друг субјект, нема право, ако нема изјава за доверливост, да учествува во ова. Затоа банките се загрижени. Утринава јас разговарав, ама не знам што ќе се случува во иднина. Ова се кредити кои ние како граѓани треба да ги вратиме. Има ризик да го изгубиме грантот“, додаде Перински.
Тој и порача директно на Арсовска која му најави кривична пријава: „Ако не ми поднесете кривична пријава, и кажувам пред вас, дека ќе треба да ми се извините“.
Арсовска посочуваше дека тој можел да ги смени членовите на евалуационата комисија. Перински и реплицираше: „Овие се елементарни непознавања градоначалничке“.
„Промената на евакуациона комисија треба да се случи со писмена согласност. Во првиот момент кога ја менувавме комисијата, не беше започната евалуацијата во техничкиот дел. Кога тоа го бараше градоначалничката, Европска инвестициона банка, беше усвоен извештајот без забелешка“.
На крајот од прес-конференцијата, Арсовска му се налути на Перински: „Јас не сум му другарка од мали, се знае како се комуницира со претпоставен“, бидејќи тој и рече да си ги провери мејловите, дека била поканета на секоја средба со европските банки, каде детално се претставуваше извештаите за проектот кој го финансираат.