Седум деца од Македонија веќе неколку дена го изучуваат бугарскиот јазик и за тоа добиваат награда од 30 евра месечно. Децата учат бугарски јазик, литература и историја во бугарското неделно училиште во Скопје, „Здравеи“.
Ова за „А1он“ го потврди претседателот на бугарската „Фондација Македонија“, Виктор Стојанов.
„Да точно е. Веќе имаме запишани 7 деца од Македонија. Им плаќаме по 30 евра месечно, почнувајќи од септември, а тие ќе учат бугарски јазик, бугарска литература и бугарска историја во бугарското неделно училиште во Скопје наречено ‘Здравеи’“ – рече тој.
Фондацијата формирала училиште на бугарски литературен јазик, „Св. Наум Преславски“ со 95 ученици од Македонија кое држи онлајн курсеви.
„Онлајн школата ‘Свети Наум Преславски’ е студиски курс со наставници и настава бугарски 3 часа неделно. Регистриран е во Бугарија и не му треба лиценца бидејќи е бесплатен онлајн курс за обука. Курсевите сега се одржуваат во онлајн училиштето“, истакна Стојанов.
По поддршката од бугарското МНР и изјавите на заменик-министерот Костадин Којабашев дека Бугарија ги поддржува барањата на претставниците на бугарското национално малцинство во Бугарија, бугарската „Фондација Македонија“ ги засили активностите во Голо Брдо во Албанија и во Гора на Косово каде што живеат Македонци. Иницијативата во Голо Брдо се вика „Знај ја Бугарија“ и преку неа на жителите им се подарува бугарска сателитска телевизија.
„Фондацијата има иницијативи во Голо Бардо, како што се дистрибуција на бугарски книги, брошури – ‘Знај ја Бугарија’. Таму подаруваме бугарска сателитска телевизија. Таму уште немаме отворено бугарско училиште, планираме да отвориме во рок од 1 година. И во Голо Бардо и во Гора и Пустец. За нас е многу важно бугарските деца во Пустец да учат бугарски во училиштата, како што македонските деца во Пустец учат македонски во училиштата“, објасни претседателот на фондацијата.
Стојанов за „А1он“ вели дека досега се подарени над 40.000 бугарски книги на над 11.000 луѓе во Македонија во повеќе од 10 градови и 20 села, а интересот се зголемил откако почнале да ги подаруваат книгите во различни групи на Фејсбук:
„Нè контактираа преку 1.000 луѓе од Македонија кои побараа да им испратиме бугарски книги да читаат. Би рекол дека има сериозен интерес за бугарските книги во Македонија. Нашите планови се бугарска книга да влезе во секој македонски дом – да речеме 350.000 бугарски книги до 350.000 македонски домови во Северна Македонија“.
Буџетот на Фондацијата доаѓа од донации и поддржувачи на бугарското прашање и изнесува, како што вели Стојанов, скромни 20.000 евра за нивните активности во Македонија, Србија, Косово и Албанија.
Но, во оваа сума не влегува помошта од Комитетот за политики за Бугарите во странство кој повторно ја зголеми финансиската помош за поддршка на бугарските организации во Македонија, Албанија, Косово, Србија и Молдавија.
Годинава таа помош е 400.000 евра, 100.000 евра повеќе од 2021 година и 150.000 евра повеќе во однос на 2020.