Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски попладнето во Софија имаше работен состанок со Претседателот на Република Бугарија Румен Радев. На состанокот на кој присуствуваа и министрите за надворешни работи и за економија Бујар Османи и Крешник Бектеши, како и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски и претседателот на Стопанската комора на Република Северна Македонија Бранко Азески се разговараше за заедничко надминување на предизвиците со енергетската криза и продлабочување на соработка на двете земји.
Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека владината делегација допатува во Република Бугарија да најде решенија за справување со енормниот раст на цената на електричната енергија, да се помогне стопанството кое е на слободниот пазар, да може да го издржи високиот раст на цената на електричната енергија на светските берзи.
Справување со последиците од светската енергетска криза е приоритет. Од бугарска страна беше истакнато дека во тешки денови треба да си помагаме меѓусебно , бидејќи станува збор за справување со последиците од најголемата глобална криза која ја паметиме во поновата историја.