Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ пристигна во Северна Митровица, каде на дочекот се собраа голем број граѓани на Северна Митровица и од цело Косово.
Посетата Ана Брнабиќ ја започна со обиколка на Мултимедијалниот центар во Косовска Митровица, каде ја пречекаа градоначалникот Милан Радојевиќ, претставниците на Српската листа Горан Ракиќ и Игор Симиќ, како и голем број насобрани граѓани со српски знамиња и банери за поддршка.
„Големо задоволство и голема чест ми е што сум во Космет, сакам од овде, со Косово и Метохија, да испратам јасна порака, порака за мир, стабилност и толеранција и пораката на претседателот на Србија Александар Вучиќ, дека секогаш ќе бидеме со нашиот народ во Косово, рече Ана Брнабиќ обраќајќи им се на насобраните во зградата на Мултимедијалниот центар во Косовска Митровица.
Премиерката посочи дека ова е исклучително тежок и сложен момент, но дека е задоволна што и покрај провокациите мирот е зачуван.
„Интересите на Србија се мир и стабилност“, изјави Ана Брнабиќ.
Таа истакна дека во изминатите неколку години државата инвестирала повеќе во Косово отколку во последните 40 години.
„Државата е во служба на своите граѓани и сè што направивме во централна Србија сакаме да направиме и да им помогнеме на Србите на Косово и Метохија“, рече Ана Брнабиќ.
Таа додаде дека е важно што е изграден центар во Косовска Митровица каде децата ќе можат да учат модерни технологии, бидејќи тоа, заедно со обезбедувањето мир, ќе обезбеди просперитет на Косово и Метохија.
„Семејствата да останат тука, да ја видат својата иднина тука, да видат зголемување на платите и пензиите. Ќе бидеме со српскиот народ и мило ми е што сум тука, во овие тешки околности“, рече Ана Брнабиќ.