Руската телевизија „Русија денес“ (РТ) емитуваше специјална документарна емисија во која се пренесуваат ставови што медиуми во регионот ги сметаат како заложби за разгорување на пламенот на војната во Западен Балкан, со изјави оценети како вознемирувачки по безбедноста на регинот.
„Исто како што Русија успева да го денацизира, демилитаризира и ослободи рускиот свет, па ние Србите имаме право, преку специјални операции, да создадеме српски свет кој ќе живее во мир и слобода“, се објавува изјава на екстремниот српски десничар Миша Вациќ, пренесува politicki.ba.
„Русија денес“ во документарецот пренесува и изјава на патријархот Порфириј за „кристалната ноќ во Задар” и говорот на српскиот претседател Александар Вучиќ, во кој тој најавува дека Србија ќе се спротивстави на НАТО и на Западот затоа што, како што вели, „немаме каде да одиме”.
Медиумите што ја анализираат емисијата посочуваат дека низ документарецот како нишка постојано се провлекува опасноста од избувнување војна во регионот.
„Пукотниците на граничнот премин Брњак, како пред сто години во Сараево, речиси доведе до глобална криза“, посочува „RT“ на почетокот на извештајот, зборувајќи за минатомесечните барикади на косовските Срби на граничните премини „Јариње“ и „Брњак“, недалеку од Северна Митровица.
Притоа се пренесува изјавата на Вациќ, кој вели дека „време е да се реши прашањето за Косово како што направи Русија со Крим“.
„Нема да оставиме ниту едно дете, независно дали живее во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово. Должност на нашата генерација е да се погрижи никој да не остане зад себе, никој да не биде заборавен. Многу воени ветерани се со нас, многу луѓе кои поминаа низ Сирија, Украина, бомбардирањето во 1999 година, изјави за „РТ“ Дамјан Кнежевиќ, основач на парамилициската формација Народна патрола.
Во емисијата свесно внимание се посветува на активностите во врска со мигрантите во Србија, а се објавуваат и снимки како припадници на Народната патрола ги „проверува“ мигрантите.
Кнежевиќ во изјавата за телевизијата е критичен и кон српските власти. Тој верува дека „многу луѓе се назначени на позиции“ како симпатизери на Западот.
Во документарецот се објавуваа и изјава на рускиот амбасадор во Србија, Александар Бочан-Харченко, кој на функцијата во Белград дојде откако подолг период беше дипломат на Москва во Босна и Херцеговина.
Харченко прво објаснува зошто Русија бара да отвори воена база во Србија, со образложение дека тоа е противтежа на американската или НАТО-базата „Бондстил“ во Косово.
Тој појаснува дека официјална Москва бара, но не инсистира и не наметнува на властите на Србија отворање на нејзината воена база во таа земја.
„Западот ја турка Србија кон воведување антируски санкции, Србија е принудена да го признае Косово, на Србија и се заканува прекин на снабдувањето со евтин гас“, ги пренесува „Русија денес“ зборовите на амбасадорот Харченко.
Извор: МИА