Владата преку Кабинетот на вицепремиерката Славица Грковска, задолжена за политики за добро владеење, ќе ги испитува вработувањата и ангажманите во Министерството за локална самоуправа на Горан Милевски. Од Кабинетот на Грковска велат дека ги следат информациите објавени на „А1он“, особено од аспект на почитување на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата.
„Вицепремерката Грковска ги разгледува информациите, врз основа на што од министерот за локална самоуправа Горан Милевски, ќе побара конкретни податоци за процесот на вработувања“, се вели одговорот од нејзиниот Кабинет.
Постапувањето на Грковска следува по објавените стории дека блиски луѓе на министерот Милевски успеале да добијат вработувања и ангажмани на проекти во локална самоуправа.
„А1он“ и официјално веќе достави барање за слободен пристап до Министерството за локална самоуправа, барајќи ги сите лица кои биле ангажирани на проекти преку Швајцарската амбасада. Се работи за два проекти и тоа Проект за одржлив и рамномерен регионален развој, фаза 1, кој се спроведувал од 2017 – 2021 година и проект за одржлив и рамномерен регионален развој, фаза два во период од 2021 до 2025 година.
Како што веќе објавивме, во институцијата постојат и ангажмани кои се склучени преку агенција со авторски договори. За нив не е спроведен јавен оглас, туку институцијата само побарала заинтересираните кандидати да достават понуди, за кои самиот министер Горан Милевски одлучувал кого ќе го избере. Хонорарите кои ги добивале се движат од 50 000 до 150 000 денари.