Приврзаници на влијателниот ирачки шиитски верски водач, политичар и паравоен лидер Моктада ал Садр упаднаа во владината палата во Багдад, во која се наоѓа и кабинетот на премиерот, јавија западни медиуми цитирајќи очевидци. Според нив, регистрирани се и истрели од огнено оружје.
Очевидци тврдат дека демонстрантите, поддржувачи на Ал Садр, прво ги отстраниле бетонските бариери за да овозможат што повеќе луѓе да влезат во Зелената зона и покрај силното присуство на безбедносните сили.
Некои од нив носеа фотографии од Ал Садр, додека други скандираа „Народот сака да го собори режимот“.
Ирачката армија прогласи полициски час во целата област на Багдад, кој стапи на сила во 15:30 часот по локално време, но тоа не ги одврати поддржувачите на Ал Садр од нивните планови.
Извор: МИА