Премиерот на Луксембург Ксавиер Бетел, кој денеска е во посета на Тирана, јасно стави до знаење дека Албанија има долг пат и дека не може да биде членка на ЕУ без да ги исполни критериумите од Копенхаген или да ги заврши поглавјата.
-Ќе ве разочарам затоа што можеби не е одговорот што го сакате, но ние имаме правила, ги имаме критериумите од Копенхаген и тие ќе останат и не можеме да ги суспендираме овие критериуми. Она што можеме да го направиме е да работиме поблиску. Ние ги поддржуваме и помагаме, но не можеме да кажеме дека поради геополитичката ситуација ќе ги надминеме копенхашките критериуми. Копенхашките критериуми и отворањето на поглавјата постојат, изјави тој на заедничката прес-конференција со премиерот Еди Рама.
Не сакам да создадам впечаток, додаде тој, дека Албанија го добила овој статус поради војната во Украина, тоа значи „минимизирање на критериумите што ги направија Албанија и Северна Македонија“.
-Имаше критериуми што ги исполнија што овозможија отворање на преговорите, а не поради војната во Украина. Не можеме да ги промениме правилата со суспендирање на истите. Беа примени зашто го направија тоа што требаше да го направат, посочи тој.
Според Бетел проектот на Макрон е многу важен за ЕУ.
-Разговаравме со премиерот Рама за тоа како Албанија може да стане поактивен дел. Влеговте во првата чекална и ја имате другата чекална, но во ова претсемејство наоѓаме начини на кои можеме да бидеме дел. Поради оваа причина, идеите на Шарл Мишел и Макрон се многу важни. Не сакам ЕУ каде што сите имаме предности, но не и обврски, но да имаме нешто каде што можеме да одиме напред за заеднички интереси, додаде Бетел.
Рама оценил дека „заслужуваме отворање на преговорите“ дека „сме подготвени да отвориме преговори, но не сме подготвени да бидеме членки на ЕУ“
-Процесот на преговори мора да го направиме за самите нас, тоа е процес кој ќе ни помогне да бидеме најпрво европска држава овде, а потоа да бидеме дел од европското семејство како земја членка. Но, ние мора да го забрзаме процесот на политичко усогласување. Процесот на пристапување не се забрзува без исполнување на задачите и тука нема што да бараме од премиерот на Луксембург, од претседателот на Франција, но мораме да ги извршуваме нашите задачи. Сега не сме подготвени, изјави Рама.
Ова е прва официјална посета на премерот на Луксембург на Тирана.
Извор: МИА