ВИДЕО: Врие од непотизам – баџанаци, другари, ученици на министерот Горан Милевски добиле државни позиции

Од:

Во тригодишниот мандат на министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, среќата да добијат вработување или хонорарно да бидат ангажирани им се насмевнала на негови роднини, партиски истомисленици и пријатели на неговиот баџанак – и тоа во разни институции, но и во министерството со кое раководи, открива „А1он“.

Станува збор за лица кои покрај тоа што работат во локални или државни институции, паралелно членуваат и во управен одбор на друга институција. Таков е примерот со битолчанецот Борче Груевски, член на партијата, кој е вработен во општината во одделението за култура, а воедно е и член во Управниот одбор во Комисијата за пошти. Во оваа група се наоѓа и Андреј Јосифовски, баџанак на Милевски, кој од 6 јули 2021 година до неодамна беше шеф на општинскиот изборен штаб на ЛДП во Центар. Тој е директор на сектор во Државна лотарија и член на Комисијата за пошти, каде што според информациите на „А1он“ се добива паушал од околу 45.000 денари. Неговата сопруга Сања, која е сестра на сопругата на Милевски, пак, е вработена во Државниот испитен центар.

Според информациите на „А1он“, и други двајца другари на баџанакот Јосифовски се вработени во Државна лотарија. Се работи за лицата Андреј Крстевски и Томица Николовски, претседател на општинскиот изборен штаб на партијата во Кисела Вода, кој патем годинава има и три исплати по 33.000 денари и една од 19.800 денари годинава од Министерството за локална самоуправа.

Други лица, пак, се ангажирани од страна на самото министерството со кое раководи Милевски. Тоа е Томас Дебаловски, другар на баџанакот на Милевски, кој е ангажиран преку Министерството за локална самоуправа. Во периодот од 2019 до 2022 година има 22 исплати по 33.000 денари.

И Љубомир Таневски е другар на баџанакот на Милевски, кој е ангажиран преку проект на Министерството за локална самоуправа. Во периодот од 2019 до 2022 година има вкупно 22 исплати од по 58.3302 денари.

Алатката „Отворени финансии“ покажува дека за потребите на Министерството за локална самоуправа била ангажирана и Бисера Јакимовска, која во времето на градоначалничкиот мандат на Андреј Жерновски во општина Центар беше раководител на сектор за урбанизам и планирање. Според податоците, таа има три исплати – една во 2021 година од 151.921 денари и две во 2019 година со две различни суми – 40.000 денари, односно 10.909 денари.

Но, има и такви кои успеале да добијат и добро платени ангажмани во Министерството на проекти кои се спроведуваат преку Швајцарската агенција.

Дел од листата е Александар Мишев, кум на Андреј Јосифовски, баџанакот на Милевски, кој прво бил вработен во Министерството за локална самоуправа како посебен советник, а подоцна е префрлен на проект преку Швајцарската агенција за развој и соработка. Инаку, од средината на март, Мишев е и нов претседател на Општинската организација во Центар. Според податоците на алатката „Отворени финансии“, има девет исплати од кои пет од 81.821 денар и четири по 102.280 денари.

Филип и Теодора Димитровска, исто така, се ангажирани преку проект на Швајцарската канцеларија. Филип, кој е ученик на Милевски, има осум исплати од кои пет во вредност од 81.823 илјади денари, додека Теодора вкупно девет исплати, од кои за осум месеци добила по 53.277 денари и еден месец била исплатена со 69.260 денари.

Покрај овие лица, „А1он“ дознава дека постојат и други ангажмани во институцијата со авторски договори преку агенција. За овие ангажмани нема објавено јавен оглас, туку само е спроведено барање за поднесување понуда, во кои заинтересираните кандидати покажале интерес, а Милевски лично одлучил кого ќе одбере.

„А1он“ се обрати и до швајцарската амбасада во Скопје. Од таму ни одговорија дека Швајцарија придонесува за неколку проекти на Министерството за локална самоуправа.

„Се работи за Проект за одржлив и рамномерен регионален развој, фаза 1 (2017-2021 година) со швајцарски придонес од 3.680.000 швајцарски франци, Проект за одржлив и рамномерен регионален развој, фаза 2 (2021-2025 година, со швајцарски придонес од 4 милиони швајцарски франци, во кои имплементатор е Министерството за локална самоуправа и Зајакнување на општинските совети, фаза 2 (2022 – 2027 година) со придонес од 2.636.000 швајцарски франци, во кои имплементатор е УНДП“, одговорија од Амбасадата.

На прашањата за тоа кои лица се ангажирани на овие проекти одделно, нè упатија одговори да побараме од Министерството за локална самоуправа, со образложение дека проектите се директен придонес во владина програма.

За сите овие наоди, „А1он“ се обрати и до министерот Горан Милевски. Тој не гледа непотизам во вработувањето на баџанакот и неговите пријатели во Државна лотарија, велејќи дека ниту е надлежен, ниту има каква било допирна точка со оваа институција. Милевски вели дека како партија не водат евиденција кој од нивните членови каде работи, независно дали е тоа приватен или јавен сектор. Во однос на Агенцијата за пошти, каде членуваат и баџанакот и друг сопартиец, Милевски вели дека изборот го врши Собранието на предлог на Комисијата за избори и именувања.

Милевски не дава конкретен одговор на прашањата за тоа кои и колку лица се ангажирани на проекти преку Министерството за локална самоуправа и на кој начин, односно дали постоел оглас или самиот одлучил кој ќе биде ангажиран. Тврди дека ангажманот на експертите се врши врз основа на стручноста и компетентноста на ангажираните лица, а не од партиската припадност.

„Поголем дел од ангажираните лица се преземени од првата фаза на проектот од дел на проектот на кој беше задолжен кабинетот на вицепремиерот и од делот на Министерството за локална самоуправа. Во тимот поради обемот на работните ангажмани вклучени се и дополнителни лица чиј избор е извршен согласно предвидените законски процедури. Досега имав слушнато за партиски вработувања и непотизам, но немав слушнато за категорија пријатели. Кога ангажираме луѓе се водиме првенствено од квалитетот и стручноста што ги поседуваат ангажираните лица, а не врз основа на партиската припадност. Дел сме ги преземе од банкарскиот сектор, а сум ги запознал првпат кога влегле на работа кај нас, тоа е непобитен факт“, одговори Милевски.

Приказната продолжува.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Надоместоци тешки 125 000 евра за блиски луѓе и сопартијци на екс министерот Горан Милевски

Петар Клинчарски

Милевски му ја предаде функцијата на Пенов

Оставката на Милевски стигна кај пратениците

Пенов за министерското место: Се е во игра, но не можам да давам изјави

Кристијан Ландов

Горан Милевски поднесе оставка до Владата

Катерина Ѓуровски

Вицепремиерката Грковска ќе ги испитува исплатите на проекти во министерството на Милевски

Петар Клинчарски