Унгарската Влада нема да го поддржи предлогот на Естонија за воведување нови санкции на испораките руска енергија во земјите на ЕУ и нема намера да воведе никакви визни ограничувања за руските граѓани, изјави денеска министерот за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
Сијарто по телефонскиот разговор со неговиот естонски колега Урмас Рејнсалу појасни дека властите во Талин веќе покажале иницијатива да изнесат предлози до целата Европска унија во однос на осмиот пакет санкции против Москва што треба да вклучува целосно ембарго на енергенси од Русија.
Шефот на унгарската дипломатија вели дека Будимпешта се спротивставува на таквите идеи.
„Не сакаме ни да преговараме за енергетски санкции“, напиша Сијарто на својот Фејсбук профил.
Тој, исто така, најави дека унгарската Влада нема намера да воведе никакви ограничувања во однос влезните визи за руските граѓани, како и дека по прашањето ќе следи сличен став каков што имаат некои од членките на Европската унија.
„Го споделуваме ставот на германскиот канцелар и не планираме да воведуваме никакви ограничувања“, напиша Сијарто.
Минатата недела Литванија повика на замрзнување на издавањето визи за руските граѓани во цела ЕУ.
Извор: МИА