Повеќе илјади учители во Мексико Сити синоќа го блокираа влезот во Претставничкиот дом на Парламентот, за да протестираат против законот за реформа на образовниот систем, по што парламентарците мораа да се преместат во блискиот конгресен центар.
Лидерот на синдикатите на учители ЦНТЕ, Франсиско Браво, изјави дека 50.000 учители од сите краишта на Мексико пристигнаа во престолнината за да протестираат против реформите.
– Ние од нив бараме да не го изгласаат законот, да го прекинат процесот и да почнеме прегвори во кои во предвид ќе бидат земени и ставовите на просветните работници, рече Браво.
Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нијето, во декември успеа во Парламентот да ги „протурка“ амандманите на уставот со кои образованието, врз кое контрола имаа моќните синдикати, се става повторно под контрола на државата, а од наставниците се бара да поминуваат задолжителни проценки на успешноста на работа.