Црна Гора е номинирана за најпосакувана европска дестинација на 21-та годишна церемонија на доделување награди на престижното британско списание „Wanderlust Reader Travel Awards 2022“, соопшти Националната туристичка организација (НТО), а пренесува РТЦГ.
„Wanderlust“ е најстариот британски магазин за патувања и еден од водечките во последните 29 години, со посебен фокус на одржливиот туризам. Мисијата на списанието е да ги инспирира патниците ширум светот да откриваат нови дестинации преку објавување автентични патописи, неверојатни фотографии и стручни совети. Со преку 10 милиони прегледи на страници годишно и над 100.000 читатели по број, ова списание е едно од највлијателните кога станува збор за одлуката на Британците да ја изберат нивната следна дестинација за патување“, се наведува во соопштението.
Како што додаваат, Црна Гора е веќе добро позната дестинација за читателите на магазинот Wanderlust и е на врвот на листата на места за посета, што ја прави еден од фаворитите за оваа награда.
„Прошетајте низ Котор, впијте ги сончевите зраци на плажите во Будва и уживајте во природата на Националниот парк Дурмитор“, е една од препораките на ова списание.
„Во соработка со водечката светска туристичка берза „World Travel Market“, наградите ќе бидат доделени на престижната церемонија на награди што ќе се одржи во „Кулата на Лондон“ на 8 ноември, а ќе присуствуваат над 300 лидери во областа на туризмот“, се заклучува во соопштението во кое ги повикуваат сите да гласаат за Црна Гора.