Ние, 55 години како Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), неуморно го браниме и народниот и стандардниот македонски јазик. Ние 55 години го пренесуваме и духот на нашите претходници и им ја всадуваме љубовта кон тој наш јазик на странските македонисти. Ако ја прифатиме мислата на Видгенштајн која гласи: „Границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот.“, тогаш, и границите на македонскиот јазик преку изучувачите на македонскиот јазик од 17 земји коишто учествуваат на јубилејната, 55. Летна школа, како и преку семинаристите на сите досега 55 летни и 2 зимски школи, се поистоветуваат со границите на светот.
Ова меѓу другото го истакна директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во своето обраќање на свеченото отворање на јубилејната 55. Летна школа за македонски јазик, литература и култура коешто се одржа денес во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.
– Нашата мисија била, е и секогаш ќе биде од суштинско значење за нашата држава. Ова е кажано многупати досега, но нужно е да се повтори и овојпат, оти е факт којшто не смееме да го заборавиме. Tој укажува на обврската и одговорноста којашто ја имаме и ние како Семинар, и на сите чинители на нашата општествена и политичка стварност, особено на оние од коишто ни е неопходна поддршка за остварувањето на нашите заложби, порача Мојсова-Чепишевска.
Во обраќањето, таа го цитираше и Горан Стефановски: „Горд сум на нашата жилавост. И покрај сиот нарушен идентитет, заврзани раце, крпа во уста, обезличеност и распарченост, жив сум и гладен сум за живот. Знам дека ме има според нападите со кои работат да ме снема. Знам дека сум според упорноста со која се трудат да не сум. Мојата жилавост излегува од аванот во кој ме толчат и тиганот во кој се крчкам. Токму тој аван и тој тиган се моите места на моќ.“
– Ова се оние зборови што сакаме да ве научиме и вие да ги чувствувате како свои. Не е лесно, ама ние сме жилави и не се откажуваме од тоа нашата приказна да стане поблиска до вашата, посочи Мојсова-Чепишевска, обраќајќи им се на 60 семинаристи на Школата.
Таа посочи дека покрај 55 годишната постојана поддршка, и материјална и организациска и морална од УКИМ, и повеќе од 30 години со финансиска поддршка од Министерството за култура, од оваа година, Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ доби финансиска поддршка и од Министерството за образование и наука, а дел од програмските активности се под покровителство на Општина Охрид и Општина Вевчани. Годинава, за првпат, со поддршка за Школата се вклучија и општествено одговорни компании – „Тиквеш“, „Алкалоид“ и „Кожувчанка“. Мојсова-Чепишевска се заблагодари на сите фактори коишто ја препознаваат важноста на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ.
На јубилејното издание на Школата учествуваат семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република, што е уште еден показател за интересот за македонитиката на универзитетските центри ширум светот. Како што беше истакнато на свеченото отворање, на коешто се обратија и претседателот, Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, на Школата, покрај учесници од земјите каде има македонистика, има учесници и од земји кои може во иднина да станат нови универзитетски центри каде што ќе се изучува македонскиот јазик, литература и култура како Австрија, Германија и Италија.
55. Летна школа ќе трае до 2 септември, до кога семинаристите ќе следат над 50 часа лекторска настава и 11 предавања на врвни специјалисти и еминентни истражувачи од УКИМ, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, а предвидени се и други програмски содржини. Но со завршувањето на 55. Летна школа на 2 септември, како што посочи директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевсска, нема да завршат и активностите на МСМЈЛК при УКИМ во овој период. Веднаш потоа ќе следи 49. Меѓународна научна конференција, на 4 и 5 септември 2022 година, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. На Конференцијата, акцент ќе биде ставен на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески по повод 70 години од нејзиното објавување и на творештвото на Васил Иљоски и Горан Стефановски, по повод јубилеите – 120 години од раѓањето на Иљоски и 70 години од раѓањето на Стефановски.