Европската комисија објави дека на утрешниот дијалог Белград-Приштина во Брисел „мора и ќе се разговара за сите отворени прашања“, но нагласи дека „не може да се шпекулира за резултатите од Дијалогот“.
Портпаролката на ЕК Набила Масрали изјави дека Комисијата наскоро ќе соопшти кои теми ќе се најдат на преговарачка маса меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Портпаролката посочи и дека „за ЕУ е најважно двете страни да престанат со непријателствата, со потпалувачки пораки и тензии и да се однесуваат одговорно“.
– Тоа е тема на Дијалогот, доаѓаат претставници на засегнатите страни и ќе видиме каков ќе биде исходот и не можам да шпекулирам за тоа, рече Набила Масрали.
На новинарско прашање како ЕУ гледа на усогласеноста на Србија со надворешната и безбедносната политика на Унијата, особено кога станува збор за санкциите против Русија, портпаролката Ана Писонеро изјави дека „Србија се согласи со неколку резолуции во Генералното собрание на ОН со кои се осудува неиспровоцираниот и незаконски руски агресија врз Украина, што, се разбира, беше поздравено“.
Ана Писонеро, претставник за медиуми на европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, додаде дека тоа е важно за „постепеното усогласување на Србија во рамки на преговорите за членство со надворешната политика и одлуките на Унијата, вклучително и санкциите против Русија“.
Косовскиот премиер Албин Курти пред дијалогот изјави дека разговорот мора да се фокусира на меѓусебното признавање и рече дека не сака да разговара за спорот за регистарските таблички и личните карти на Србите на Косово.
Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека е клучно во Дијалогот да се донесе одлука за спроведување на договорот за Заедницата на српските општини во Косово.
Извор: МИА