Изборната комисија на Кенија денеска го прогласи Вилијам Руто за нов претседател на земјата. Тој во тесна трка го победи противкандидатот и лидер на опозицијата Раиља Одинга.
Досега, Руто беше заменик на претседателот во заминување Ухуру Кенијата, син на првиот претседател на Кенија, кој сепак го поддржуваше долгогодишниот ривал Одинга.
Трката за шеф на државата беше најнеизвесна досега, па се очекуваше за првпат да се одржи втор круг од изборите.
Пред објавувањето имаше поделеност во комисијата, бидејќи еден дел сметаше дека има неправилности. На терен била и полицијата која ги смирува тензиите. Наводите за неправилности беа изнесени без детали и докази.
Ова е веројатно последен обид за 77-годишниот долгогодишен опозиционер Одинга, кој по петти пат се кандидираше за шеф на државата.
Извор: МИА