Македонскиот претставник Шкендија вечерва (20 часот) на арената „Тодор Проески“ во Скопје го игра реванш мечот од третата рунда во Конференциската лига на УЕФА против шведскиот АИК. Тетовци одиграа 1:1 на првиот дуел, а тренерот Артим Шаќири верува дека тимот може денеска да оствари триумф и да го трасира патот кон плејоф за групна фаза во ова натпреварување.
„АИК е квалитетен тим, но добро го анализиравме и веруваме дека можеме да победиме. Ќе ја имаме поддршката од фановите и сигурен сум дека фудбалерите ќе го извлечат максимумот од себе. Ова ќе биде сосема поинаков натпревар, мора да има победник и тоа ќе наметне дополнителен притисок. Се надевам дека на крајот ние ќе се радуваме“, изјави тренерот на Шкендија.
Стрелец на голот од првиот дуел, Ферхан Хасани, верува дека Шкендија е подобар тим.
„Покажавме дека можеме да се надигруваме со АИК и верувам дека сме подобар тим. Доколку одиграме на потребното ниво, се надевам дека ќе ја исполниме целта“, истакна Ферхан Хасани.