Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја предупреди меѓународната заедница на опасност од нова нуклеарна катастрофа, слична на таа во Чернобил од 1986 година, јави ДПА.
– Русија е терористичка држава, што ја држи во заложништво нуклеарната централа Запорожје и ја користи за уцена, истакна тој преку видеообраќање на отворање на донаторска конференција за Украина во Копенхаген.
Како што тој додаде, „Русија денес е уште поцинична и поопасна од Советскиот сојуз, кој тогаш се обиде да ја скрие нуклеарната катастрофа во Чернобил“.
Според него, Европа треба да се заштити од „оваа закана“.
– Нуклеарната централа Запорожје не е само најголемата во Европа, туку и трета по големина во светот. Одговорот на дејствата на Русија треба да биде сеопфатен, смета Зеленски.
Тој нагласи дека Украина има потреба од максимално оружје и муниција, со цел да се одбрани.
– Никому не му требаат нови катастрофи, подвлече украинскиот претседател.
Извор: МИА