Не постојат никакви гаранции дека Македонија ќе има непрекинато снабдување со гас за претстојната грејна сезона, а во случај на целосна забрана на рускиот гас ќе мора да се купи мазут за да работат топланите за производство на топлинска енергија.
Од гасната централа „ТЕ-ТО АД Скопје“ која ги користи најголемите колични на гас кои доаѓаат од единствениот интерконектор со Бугарија за производство на електрична и топлинска енергија, за „А1он“ велат дека не постојат гаранции во однос на предвидувањата за достапност на природен гас за нивната компанија што е случај за сите потрошувачи во регионот.
„ТЕ-ТО е независен производител на електрична енергија и топлина, кој работи на слободниот пазар согласно пазарните услови, а производството на електрична и топлинска енергија е диктирано од движењата на цените на берзите на електрична енергија и природен гас, како и од цената на топлинската енергија. ТЕ-ТО нема обврска да гарантира испораки на електрична или топлинска енергија. Во однос на предвидувањата за достапност на природен гас за нашата компанија во претстојниот период, не постојат никакви гаранции што е случај за сите потрошувачи во регионот“, истакнаа од „ТЕ-ТО“.
Од оваа компанија во која има руски капитал, велат дека постојат пречки и зголемени ризици за испорака на природен гас заради кризата на пазарот со природен гас и ризиците од воениот конфликт во Украина.
А воено-политичката ситуација во Европа и енергетската криза влијаат на цената на набавка на гасот. Во „ТЕ-ТО“ во моментов не можат да предвидат колкава ќе биде цената на берзите во претстојната грејна сезона затоа што таа се менува постојано.
Директорот на „Национални енергетски ресурси“, Бајрам Реџепи за „А1он“ објасни дека најголем проблем е што засега добавувањето на природен гас зависи само од „Газпром“ и од тоа што имаме гасно поврзување само со Бугарија.
– Ние имаме гасно поврзување само со Бугарија. Тоа е првиот проблем. Вториот проблем е со долгорочниот закуп на капацитетите што „Газпром“ ги има во гасниот преносен систем во Бугарија. Во овој период сите надлежни институции се максимално ангажирани во решавање на овие пречки, за да се обезбеди и алтернативно снабдување со природен гас, во случај Гаспром да ја стопира снабдувањето за нашата земја. Треба да се знае дека Република Бугарија оваа година отвара нови можности за снабдување преку новиот интерконектор со Р.Грција, и со тоа се отвараат нови можности и за сите други држави кои што се снабдуваат преку нашиот источен сосед – вели Реџепи.
Реџепи истакна дека се прават напори „ТЕ-ТО“ кој троши 350 милиони кубни метри гас да не истане без природен гас затоа што тој е најголем производител на топлинска енергија.
– Се прават максимални напори ТЕ-ТО да не остане без природен гас и јас верувам дека така ќе биде, но ако ќе дојде до најлошото, тогаш за на мазут треба да се конвертираат другите топлани, бидејќи ТЕ-ТО нема таква можност – додаде Реџепи.