ЦИК на Бугарија до 17 август ќе ги прифати документите за регистрација на партиите и коалициите кои сакаат да учествуваат на изборите на 2 октомври, јави дописникот на МИА од Софија.
Иницијативните одбори до 22 август ќе ги достават своите пријави за регистрација до окружните изборни комисии.
Списоците со кандидати за народни заменици ќе се поднесуваат и ќе се пријават до 30 август, а ждрепката со која ќе се утврдуваат последователните бројки на гласачкото ливче на партиите и коалициите, ќе се влече во ЦИК на 31 август.
Датумите се запишани во распоредот што го усвои Централната изборна комисија за одржување на предвремените парламентарни избори во Бугарија на 2 октомври.
Изборната кампања ќе биде отворена на 2 септември и ќе заврши на 30 септември на полноќ. Денот за размислување во Бугарија ќе биде на 1 октомври.
Извор: МИА