Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, денеска го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ.
По церемонијата, претседателот Пендаровски изрази благодарност до српскиот претседател, Александар Вучиќ и српскиот патријарх, г. Порфириј, што по пауза од 18 години овозможија одбележување на државниот празник во манастирот.
„Ова е местото кадешто е формирана современата македонска држава. Од различни причини не можевме да дојдеме тука и на ова место тука да го прославиме тој празник, па правевме некакви алтернативни, паралелни прослави во близина, но не и овде, кадешто е навистина одржано историското заседание на АСНОМ. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција, во која 2 Август, ова е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука, и од тука натаму, како велат старите, со сите нишани ќе доаѓаме да одадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944 година“, изјави претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски го разгледа манастирскиот комплекс и се поклони пред моштите на Св. Прохор Пчински.
Во државнo-црковна делегација беа министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков, како претставници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и претставници од Сојузот на борците на НОБ.
Од српска страна, на чествувањето присуствуваа министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ и Епископот врањски г. Пахомије, како претставник на Српската Православна Црква.