Донесени се уште две пресуди за протестите пред Собранието против францускиот предлог, овојпат за лица кои подготвиле молотов коктел и го фрлиле кон кордонот полицајци распоредени пред Собранието. Кривичниот суд му изрече едногодишна затворска казна на 26-годишниот скопјанец Александар Филиповиќ, обвинет дека фрлил молотов коктел кон кордонот полицајци, а условна осуда на 19-годишниот скопјанец Јане Смилевски, обвинет дека го подготвувал стакленото шише со бензин и ткаенина. Предметот заврши со едно рочиште, по признание на вина.
Филиповиќ и Смилевски беа гонети за кривично дело предизвикување општа опасност. Тие биле учесници на протестите против францускиот предлог, кога демонстрантите ја пробија заштитната ограда и влегоа во дворот на Собранието, по што фрлаа тврди предмети кон фасадата и прозорците.
„За време на одржување на јавниот собир на граѓани, обвинетите учествувале во толпа и со општо опасно дејствие предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето на место каде што биле собрани голем број на луѓе. Обвинетиот Смилевски подготвил молотов коктел во стаклено шише, кое претходно од Филиповиќ било наполнето со бензин. Му ставил парче ткаенина, го подал на Филиповиќ, кој како опасно средство го фрлил према поставениот кордон од полициски службеници пред Собранието“, посочи скопското Обвинителство.
Ова е трета пресуда за нередите пред Собранието кои се случија на почетокот од јули. Во одвоени предмети, осудителни пресуди добија и Цуфи Кока кој впери пиштол во демонстрантите и пукаше во воздух кај Мавровка, како и седумте обвинети дека сториле кривично дело при учество во толпа.