Сашо Мијалков истиот ден кога се спогодил да оди три години во затвор за „Империја“, поднел и барање за промена на живеалиште. Од скопски Капиштец, тој се сели во Охрид. Приложил и валидна адреса, по што барањето му било одобрено. Предметот „Империја“ исто така допатувал во охридскиот Основен суд. Од МВР, посочуваат дека промената на живеалиште е направена согласно законот.
„Во врска со вашите прашања ве информираме дека на ден 08.07.2022 година до Одделението за управни работи Охрид лицето С.М.(56) од Скопје поднесе барање за лична карта со приложување на потребната документација за промена на живеалиште од Скопје за Охрид. По добиеното барање, истото е проследено до полициската станица од општа надлежност Охрид за вршење на проверки, а по извршените проверки, донесено е решение за пријавување на живеалиште во Охрид, кое му е врачено на барателот, извршено е фотографирање за лична карта и истата му е издадена со адреса во Охрид“, посочуваат од МВР.
„А1он“ доби информација и до охридскиот суд дека предметот „Империја“, случај каде Мијалков се спогоди, е доставен до нив и се работи на него. Во тек е изготвувањето на упатен акт. Мијалков, три години ќе ги помине во затворот во Струга кој е од отворен тип.
По Зоран Милески-Кичеец и Јордан Орце Камчев, Мијалков е третиот кој казната ќе ја издржува во затворот во Струга, кој е од отворен тип. Во тој затвор, може да се користат поволности, а практично, затворениците се враќаат само за преспивање. Користат годишни одмори, преку ден одат на работа, земаат викенди. Сите овие поволности ги овозможува директорот на затворот, кој оценува дали одреден затвореник исполнува услови.