Тивка војна меѓу Обвинителството и финансиската полиција: Русковска ја претресла архивската книга на Управата

Од:

Завчерашниот претрес во Управата за финансиска полиција бил сведен на препис на делови од архивската книга на предмети. По налог на Обвинителството за организиран криминал седум лица влегле во Управата, безмалку истовремено кога за претресот се појавија првите информации во медиумите. Не побарале конкретен предмет за да направат увид, туку ги препишале бројчињата на предметите по анонимни пријави заведени во книгата од 2018 до денес. Тоа ги зачудило вработените во Управата оти за проверка на архивската книга на обвинителката Вилма Русковска, која хиерархиски им е шефица, не ѝ треба претрес туку на располагање ѝ се податоците во секое време.

Тројца од седумтемина кои го правеле претресот биле само набљудувачи, за нив немало никакви обврски и за време на целиот претрес си седеле. Оние, пак, кои ја прелистувале архивската книга по телефон барале инструкции што да бараат, а од другата страна им било јавено да ги препишат архивските бројчиња на сите предмети по анонимни пријави во периодот од 2018 досега.

Вработени и во Управата и во Обвинителството за „А1он“ велат дека се случува тивка војна меѓу Обвинителството и финансиската полиција како институции за која се сомневаат дека трае повеќе од две години.

Русковска замерува дека Управата има сосема мал број пријави на годишно ниво, за што веќе неколкупати јавно зборуваше, а финансиските полицајци, пак, се жалат на несоработка од Обвинителството, за што исто така јавно зборуваше директорот Муареми.

Русковска завчера за медиумите потврди дека се работи за претрес во Управата за финансиска полиција, но детали не сакаше да каже оти се работи за предистражна постапка.

„Се постапува по пријава од граѓанин. Наша обврска е да провериме. Чекаме да видиме дали има нешто основано во пријавата“, рече обвинителката Русковска.

Директорот на Управата, Муареми, завчера додека траеше претресот беше недостапен, а денес од неговиот кабинет кусо велат дека одговориле на сите барања на Обвинителството и дека на посебна прес-конференција ќе известат за случувањата.

Би можело да ве интересира

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против три службени лица од МЗШВ

А1он

Финансиската полиција поднесе кривична пријава за раководно службено лице во Општина Радовиш

Владата одлучи: Ивановски е нов в.д. директор на финансиската полиција, а Селами е избран за директор на ДЗС

Томовска: Во координација со финансиската полиција ќе одлучиме дали инспекцискиот надзор во М-НАВ ќе се прошири

Управата за финансиска полиција врши проверки во М-НАВ

Горан Наумовски

Арсовска игра шах со Дедо Мраз додека ги чека резултатите од истрагата на Финансиска за украсувањето

A1on