Драмски театар Скопје, со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“, во среда (20.7.2022) ќе учествува на 62-то издание на фестивалот Охридско лето кое се одржува од 12.7. до 20.8.2022 година.
Претставата, работена според романот на Марк Хадон својата премиера ја имаше на крај на претходната година. Режијата е на Зоја Бузалковска,асистент на режија е Димче Николовски, драматургија на Александра Бошковска, сценографија на Константин Трпеноски, а асистент на сценографија е Марија Мукоска.
Костимографија е на Елена Вангеловска и Раде Василев, музиката е на Давид Ангелевски, кореографијата и free running техника на Симон Симоновски, а 3D Mapping видео дизајн на Osama Almughanni.
Улогите ги толкуваат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.