Претседателот на македонското Собрание Трајко Велјаноски упати писмо до неговиот грчки колега Евангелос Василеос Мимаракис во кое му го честита изборот за претседател на Парламентот на Република Грција.
– Ценам дека токму во ова време, кое бара храбри решенија и одлучност да се совладаат разните проблеми, соседните земји први треба да покажат доблест и подадена рака за остварување еден нов дух на соработка. Без оглед на разликите кои постојат, градењето на добрососедските односи нема алтернатива. Истовремено, ценам дека токму парламентарната соработка и парламентарната дипломатија претставуваат особено погоден и взаемно прифатлив почетен механизам за градење на довербата, добрососедските односи, развојот на регионот и унапредувањето на евроатлантските интегративни процеси, се вели во писмото .
Велјаноски изразува подготвеност за унапредувањето на соработката меѓу двете држави и го кани да ја посети Република Македонија, а деталите за посетата да бидат договорени по дипломатски пат.
– Убеден сум дека посетата ќе даде почетен придвижувачки импулс за воспоставување соработка и пријателство меѓу нашите две соседни земји, му пишува Велјаноски на Мимаракис.