Истражувањето на Конзорциумот на новинари викендов откри дека поранешната еврокомесарка Нели Крус лобирала за компанијата Убер и покрај забраната за таква активност, јави дописничката на МИА од Брисел.
Според информациите на мрежата истражувачки новинари во анкета посветена на активностите на компанијата Убер, јавноста дозна дека бившата еврокомесарка задолжена за конкурентност, Нели Крус, побарала дозвола да му се придружи на консултативниот одбор на Убер по истекот на нејзиниот мандат во Европската Комисија. Барањето било отфрлено, но таа сепак продолжила да соработува со контроверзната компанија.
Па така, во пораки објавени од страна на Конзорциумот се открива дека “нашиот однос со НК е таен, нејзиното име не смее никаде да се појави“, пишува лобист на Убер. Крус вршела притисок врз членови на холандската влада да се откажат полициските истраги против Убер Амстердам. Откако периодот на резерва од 18 месеци, наметнат од внатрешните правила на Европската Комисија, за поранешните комесари, истекол, Крус му се придружила сепак на одборот на Убер.
Денеска новинарите бараа одговори од Европската Комисија за овие податоци.
Оттаму одговорија дека Комисијата одлучила да испрати писмо до Нели Крус со барање за повеќе детали, но за сега ова писмо нема да биде споделено со јавноста.
Со ова се отвора повторно дебатата за потребата од посебно тело за етика во ЕУ, бидејќи не е прв пат поранешен комесар по истекувањето на неговиот мандат, да се занимава со лобирање за компании кои се под надзор на службите на Европската Комисија.
Извор: МИА