Новата руска фирма за производство на оружје „Калашњиков“ соопшти дека наскоро почнува производство и на чадори и маици.
Чадорите и маиците со „името на познатиот руски проектант на оружје Михаил Калашњиков, наскоро ќе се појават во продавниците за подароци“, објавено е на Интернет страницата на фирмата (www.rostec.ru).
Фирмата под назив „Калашњиков“ официјално е регистрирана оваа недела, по здружувањето на двата најголеми производители на пешадиско оружје – „Измаш“ и „Ижевск“, кои претходно имаа финансиски проблеми.
Целта на здружувањето не е само рационализација и производство на оружје „скроено за пазарот на 21-от век“, туку и „ширење на други сектори на производство при што името Калашњиков ќе се најде на широк спектар на потрошувачка стока“.
– Михаил Тимофејевич Калашњиков на новиот концерн му дозволи слободна употреба на своето име. Рече дека му е голема чест да и помогне на земјата да го промовира пешадиското вооружување и да ја развива воената индустрија, рече Константин Бусигин, генерален директор на „Измаш“.
Михаил Калашњиков (93) е познат по конструирањето и развојот на автоматски пушки „АК-47“ – „калашњиков“. Таа пушка, која е во употреба од 1949 година, стана најмасовното користено пешадиско оружје во светот, поради својата издржливост, евтино производство и едноставното користење.