Тела на 23 лица се пронајдени во две соседни држави во западно Мексико, каде од почетокот на годината има војна на нарко-картелите, вооружени групи кои се борат против нив, како и силите за безбедност, соопштија властите.
Телата на девет лица се најдени со врзани раце во оддалечена област во западната држава Мичоакан, на имот во близина на градот Буенависта Томатлан, а се претпоставува дека жртвите се припадници на картелот „Витези темплари“, јавија американските медиуми.
Оваа област од почетокот на годината е средиште на насилството меѓу групите кои се кренаа против овој картел, што ја контролира територијата, убивајќи луѓе и изнудувајќи пари.
Во соседната држава Гереро се пронајдени 14 тела, од кои шест во масовна гробница во близина на туристичкиот локалитет Такско, пренесоа американските медиуми.
Владата на претседателот Енрике Пења Нието во мај испрати неколку илјади војници и полицајци за да ја преземе контролата врз Мичоакан, но насилството и натаму е присутно.