Литванскиот претседател Гитанас Науседа повторно повика на акција на источното крило на НАТО додека лидерите на алијансата се собираат на средба во Мадрид, јави ДПА.
„Со оглед на руската инвазија на Украина, на состанокот во Мадрид мора да се донесе одлука за промена на стратегијата на НАТО“, рече Науседа во интервју за ДПА во Вилнус.
Според него, потребни се повеќе војници во земјите од балтичкиот регион и во другите земји од источното крило на НАТО. „Неопходна е загарантирана воздушна одбрана, а не само воздушни патроли“, додаде тој.
Гитанас Науседа изрази надеж дека состанокот во Мадрид ќе донесе одлука за трансформација на мултинационалните борбени групи на НАТО на источното крило во бригади.
Германија веќе ја објави својата намера да раководи со борбената бригада на НАТО во Литванија.
„Ова покажува дека намерата на Германија да испрати повеќе војници во Литванија е многу сериозна. Ние навистина го цениме тоа“, рече литванскиот претседател.
Баталјонот на НАТО во Литванија, предводен од Германија, моментално брои околу 1.600 војници. Бригадата обично се состои од 3.000 до 5.000 војници.
Лидерите на земјите од НАТО денеска и утре се состануваат во Мадрид, каде се очекува да договорат нова стратегија за Европа во контекст на руската инвазија на Украина.
Извор: МИА