Групата седум најразвиени земји (Г-7) на овогодишниот Самит во Елмау официјално иницира глобално инфраструктурно и инвестициско партнерство, чија цел е да го намали кинеското влијание во земјите во развој.
Програмата Г-7 е одговор на така наречената кинеска иницијатива „Појас и пат“, која, според западните претставници, ги става земјите во должничка замка со инвестиции што повеќе се во корист на Кина отколку за земјите каде што се вложува.
Белата куќа соопшти дека иницијативата се обидува да канализира 200 милијарди долари во следните пет години, со слични износи од сојузниците од Г-7 за да го поттикне инфраструктурниот развој во земјите со низок и среден приход. Предвидено е најголем дел од финансирањето да биде од приватниот сектор и глобалните развојни фондови, а не директно од парите на даночните обврзници.
Според САД иницијативата поддржана од Г-7 промовира одговорни инвестиции чија цел е да бидат корисни за заедниците каде што се пласирани.
Меѓу првите иницијативи се вложувањата од две милијарди долари во соларна фарма во Ангола во Југозападна Африка, 320 милиони долари за изградба на болница во Брегот на Слоновата Коска, Западна Африка и 40 милиони долари за промовирање на регионалната енергетска трговија во Југоисточна Азија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен наведе дека Г-7 нуди „одржлива квалитетна инфраструктура“ и оти „внимателно ќе ги слуша“ земјите во развој.
Извор: МИА