Премиерот Димитар Ковачевски со воведно обраќање ја отвори сесијата на тема „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“ во рамки на Преспа Форумот за дијалог.
Во фокусот на обраќањето на премиерот Ковачевски беа три клучни аспекти поврзани со темата и тоа усогласувањето на националното законодавство со законодавството на Унијата, Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ и економскиот бенефит како и Интеграција на регионот во ЕУ и Единствениот пазар на Унијата.
На сесијата учествуваа и премиерите на Србија Ана Брнабиќ, на Косово Албин Курти, Мајлинда Брегу, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Матео Бономи експерт за економија од Меѓународниот Институт во Рим.
„Темата со која го започнуваме денешниот ден на Преспа Форум за дијалог: „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана“ е од голема важност, особено во денешни услови на светски превирања, што уште повеќе ја нагласува потребата од интеграцијата на земјите од Западен Балкан кои природно припаѓаат во Европа.
Во ова мое излагање, не би сакал да се навраќам на минатото, бидејќи загубено е драгоцено време, особено кога станува збор за евро-интегративниот процес на Северна Македонија. Обично дискусиите на Балканот најчесто се водат за минатото и историјата и постојат политичари кои уживаат да зборуваат за теми од минато и историја особено од соседството, а тоа се и најлесни теми за зборување, бидејќи кога зборувате на граѓаните за историјата тогаш всушност ништо и не им ветувате. Најтешко е да зборувате на граѓаните за економијата, бидејќи тогаш се ветува и тогаш граѓаните имаат очекувања за подобар животен стандард. Ќе зборувам за сегашноста и за плановите за иднината за сé она што ние како земја, во соработка со земјите од регионот и нашите стратешки партнери го реализираме со една единствена цел, економски развој и подобар стандард за граѓаните“, рече Ковачевски.